Што е ново во ИМЕ

Главниот уредник на Гримпер, француско списание за спортско качување, во посета на Македонија

Во изминатиот период, во посета на Македонија беше Fred Labreveux, главниот уредник на француските списанија Grimper Magazine, Montagnes и Vertical од групацијата Niveales. Grimper e првото списание во светот со содржини комплетно посветени на спортско качување на карпи, во фокусот на Vertical e алпинизмот и качувањето на повеќедолжински патеки, додека Montagnes опфаќа содржини за планински спортови воопшто, со поголем фокус на скијање. Фред, како главен уредник на списанијата ги планира и менаџира соодветно содржините во трите изданија кои разработуваат различни агли и тематики од планинските спортови и спортско качување.

Посетата на Фред беше дополнување на посетата на Националниот тим за правење насоки од Француската Федерација за спортско качување (FFME Roc Aventure Programme) кои во Маврово ја обележаа најтешката насока со повеќе должини во Македонија. Под назив Anosmia, насоката е во должина од 250м, тежина 8b+ и претставува една од најдолгите карпи за качување на Балканот.

Од разговорот со Фред, првичните впечатоци од посетата на Македонија се „одличната гастрономија, топлото гостопримство и отворениот простор каде и да се движиш“. Отворениот простор е важен за патувачите и качувачите бидејќи како што дополнува Фред „Ние сакаме да си спакуваме само по еден ранец и да тргнеме да ја истражуваме природата“. Што се однесува до Маврово и Демир Капија од аспект на нивниот потенцијал како дестинации за качување, Фред смета дека Маврово дефинитивно има потенцијал особено со новата насока, но тој потенцијал треба сè уште да се истражува, развива и дополнува со полесни насоки. Демир Капија, пак, може да е интересна дестинација за качување за целото семејство, односно качувачи со различно искуство и подготвеност.
Во списанието Grimper веќе е објавена статија на француски јазик за подвигот на Француската Федерација во Маврово, која може да ја прочитате ТУКА.
Дополнително, во февруарското издание на Гримпер за 2021 година, ќе биде објавена поопширна репортажа за Македонија како дестинација за спортско качување во подем. Целната група на списанијата е франкофонска публика, љубители на адреналински и планински спортови и активни туристи.
Оваа поддршка е заедничка иницијатива меѓу Швајцарската програма ИМЕ и Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија, а во соработка со Македонска Спортско Качувачка Федерација за отворање нови насоки за качување во Маврово и претставување на Македонија како дестинација за спортско качување во подем.
ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40