Што е ново во ИМЕ

Нештата се движат во Северна Македонија

Нештата се движат во Северна Македонија

Благодарение на заедничката волја на повеќе организации кои сакаат да го развиваат зелениот туризам во Северна Македонија и особено спортовите во природа, спортското качување се најде во срцето на овој проект, инспириран во голема мера од швајцарскиот Проект за зголемување на пазарната вработливост (IME), кој доделува 15.5 милиони франци за неговата мисија за развој на земјата…

Благодарам Франција!

Поканети од швајцарскиот проект IME, во рамки на меѓународниот фестивал во Демир Капија кој се одржа викендот на 3 и 4 октомври минатата година, организиравме предвремено пристигнување за да ги посетиме македонските локалитети и да не се задоволиме само со напис за историскиот и популарен локалитет Демир Капија, затоа што тој сам по себе не е доволен да привлече многу посетители. Но, за да се направат фотографии од спортско качување кои обично ги придружуваат написите, потребни се спортски качувачи… Нешто на што (домаќините – заб.прев.) воопшто не помислиле, претпоставувајќи дека една фотографија од карпа по локалитет би била доволна да ги задоволи нашите читатели! Но, како што животот знае да израдува, пристигнувајќи во Маврово првиот ден, посветен на тркалезна маса со советникот за спорт, градоначалникот на Маврово и локални чинители, на тема како да се развиваат планинските спортови во овој национален парк, налетав на ПАК (Програма за авантура на карпи) и се изненадив! Всушност, оваа група на Француската федерација за планинарство и спортско качување беше таму речиси еден месец за да изработи една долга насока од светски ранг низ целосно недопрена прородна карпа (ѕид) висок 300 метри. Ох, качувачи, ќе може да се планираат фотографии! Ова божествено изненадување дојде поради фактот што групата ПАК беше поканета од Претседателот на Mакедонската Спортска Качувачка Федерација, Владимир Трповски благодарение на финансиска помош од службата за соработка и културна акција при Амбасадата на Франција. Признавам дека по три авиони и пет часа патување требаше да бидам добро разбуден за да сфатам кој што прави во спортското качување во Македонија… Американци, Швајцарци, Амбасадата на Франција, ФФПСК, но каде се крие златниот рудник?

Спортско качување во културата, не е баш вообичаено!

Пред да завршиме со денот полн со изненадувања, љубопитен, го прашав Емануел Рембер, советник за култура и соработка при Амбасадата на Франција, зошто го избрал спортското качување во неговото поле на активности. Тој ми одговори: „А зошто да не? Во културата не е само музиката или литературата… според мене и спортот е составен дел“. Пред да оди да ја поздрави француската женска фудбалска репрезентација, која истата вечер играше против Македонија, тој дури ми предложи да учествувам во овој напис, со негово видување за нашите активности кое е сосема наивно, но подобро од претставата дека сме скитници со кучиња која некогаш ни се припишува.

Маврово, големиот македонски потенцијал

Единствената насока „Аносмија“ отворена во Маврово во секторот наречен „Францускиот ѕид“ од страна на групата ПАК на ФФПСК е доказ дека има уште многу простор за оние кои би сакале да се оддадат на страста за отворање нови насоки. Освен тоа, ќе ве пречекаат со раширени раце, а не како несакан гостин. Сепак, тешко е да се добие претстава за потенцијалот во неколку дена. Напротив, ако постои знак кој не лаже, тоа е фактот дека на неколку стотини метри од насоката отворена од Французите, Адам Ондра веќе ги пронајде добрите места отворајќи насоки 9а и 9а+ во една огромна сводеста карпа. И според Владимир Трповски, Адам се чини решен да се врати во Македонија за да го истражи потенцијалот на локалитетите, откако ќе се закити со олимпискиот медал. Оваа карпа се вика Мавровска пештера и вклучува триесетина спортско качувачки насоки кои се движат од 4 до 9а+. Но, во огромната дивина на паркот каде уште може да се сретнат мечки, како што можеше да увиди Џонатан Кризон, тренерот на ПАК, може да се обложиме дека има уште неколку карпи од тој обем, скриени низ планините. Што се однесува до генезата на насоката „Аносмија“, Џонатан раскажува: „Претседателот на федерацијата Владимир Трповски нè контактираше во август со неколку фотографии од една стрмна карпа во паркот Маврово. Ниедна линија не ја пресекува и никој не се осмелил да оди подалеку од подножјето: тешко беше да се разбере вистинската големина, но квалитетот на искачувањето изгледаше ветувачки, со бројни сини траги на долниот дел на предната страна кои укажуваат на постоење на столбови…

Не се двоумевме долго да се упатиме кон таа карпа. Не се случува многу често да ви понудат „на послужавник“ неистражуван качувачки ѕид и без претходни информации. Целосното откривање на една карпа е ретка и возбудлива привилегија! Освен тоа, реализацијата на овој проект во соработка со локалните чинители најавуваше убави моменти на споделување и размена во текот на престојот. Карпата на крај многу ги надмина очекувањата на екипата… Компактната карпа ни понуди напорно искачување со напредување кое не беше секогаш лесно да се предвиди… „Аносмија“ си проби премин меѓу столбови, плочи и процепи за да понуди насока од 9 должини кои стигнуваат до 8b+. Три недели ѝ беа потребни на екипата да ги отвори, исчисти и поврзе овие 9 напорни должини и да предложи предизвик во спортско качување на долга насока меѓу најтешките во Југоисточна Европа. Ова отворање во Македонија го означи крајот на двегодишната обука за промоцијата 2019-2020. Откритието на оваа насока беше како јаготка на шлагот: каков пат изминат меѓу првата и последната активност!

По две години, екипата се навикна да функционира заедно и стана ефикасна во операциите и техниките за отворање: ако не сакаат да се качуваат, тренерите би можеле да останат во подножјето и да ја водат со двоглед и радио-врска. Одличното техничко и физичко ниво на младите секако беше важно во овие подвизи. Но, човечките особини на секој од нив и групната алхемија особено овозможија да се конкретизира овој проект во колективна авантура. Тимскиот дух на качувачите се разви во дух на целата екипа… што не е секогаш вообичаено во нашиот спорт, но е неопходно за вакви потфати…

Со задоволство би играле продолженија со оваа екипа, но време е за нова промоција! Голема благодарност до Арно и Жером кои го споделија своето скапоцено искуство. На Елин, Солен, Елуа, Тома, Гијом, Ромарик, нивниот отворен дух, мотивација и желба да научат. На ФФПСК кои се носители и го овозможија проектот. И на крај, на Мије и Беал за нивната доверба и поддршка.“

Демир Капија – клучен локалитет во Северна Македонија

Со повеќе од 200 насоки кои се простираат по должината на кањонот, Демир Капија заедно со локалитетот на камени блокови во Прилеп, е најзначајниот локалитет во земјата. По малку напорниот пристап кој започнува во средината на патен тунел и неговите мрежи за заштита од одрони, локалитетот го открива својот шарм како што се оддалечуваме од патната оска. Тоа е пред сè семеен локалитет со големи полесни или потешки плочи кои може да изнесуваат неколку должини. Сепак, внимавајте на лесниот аспект на некои профили кои може да бидат многу потешки од предвиденото! На овој совршен варовнички локалитет, повеќе од 10 години се одржува меѓународен собир, иако годинава поради КОВИД од меѓународен стана национален, и покрај француското присуство кое се концентрираше на истурениот сектор Арена и неговите заводливи столбови. Како што напишавме во воведот, овој локалитет сам по себе, можеби не вреди за патувањето, но при евентуално патување за откривање на спортското качување во Северна Македонија, тој е неизбежен. Сега, да и дадеме збор на Солен Аморо која остана подолго на лице место со програмата ПАК на ФФПСК.

„Гремпе“ (“Искачување“): Здраво Солен, што е всушност Програмата за авантура на карпи (ПАК)?

Солен: ПАК е национална група во ФФПСК составена од 6 млади француски спортски качувачи, поранешни натпреварувачи, кои се обучуваат за качување во природна средина: по долги насоки традиционално, со опрема… Нашата промоција беше водена од Џонатан Кризон и Арно Пети. За Македонија, последната наша експедиција, Пети му отстапи место на Же Пувро.

Гремпе: Какви други експедиции имавте во текот на овие две години?

Солен: Започнавме во 2019 со патување во Кадарез за да ги научиме техниките на процеп и во Тесен за да се соочиме со Супер Сирил (8а макс), оклинчена долга насока. Потоа бевме на Пиринеите, во Аргибел, каде учевме за основите на обезбедувањето и за прашањата поврзани со етиката на повторно обезбедување на стари насоки. Најважниот дел од обуката беше 3 недели во Јордан, во Вади Рум, каде обезбедивме една долга насока. Авантурата беше навистина одлична, но доста тешка и полна со емоции, поради песочната карпа, која е многу убава, но многу кревка, што го направи обезбедувањето тешко. На крај, тоа вроди со Насоката на срцето (450 метри, 8а макс), доста тешка линија на источната падина на Џебел Рум. Јас лично бев под голем притисок, зашто имав желба да ја поврзам, да ја искачам цела и на крај не успеав, пред сè од страв, не беше лесно. Во врска со тоа, сакам да пренесам една мала порака. Само што помина изборот за следната промоција и во иднина кандидатите не треба да се самоограничуваат да аплицираат, особено девојките. Јас се плашам, многу се плашам на карпа, во филмот за Вади Рум се гледа дури и како плачам! Но, мотивацијата мора да е поголема од стравот. Оваа обука не е наменета за „воини“, туку за сите, мажи и жени!

„Во иднина кандидатите не треба да се самоограничуваат да аплицираат, особено девојките“

Гремпе: Може ли да ни ги претставиш членовите на екипата?

Солен: Прво, Елин Ле Менестрел, која за жал не можеше да дојде во Македонија поради повреда. Елин секогаш има позитивен став и е бестрашна. Потоа, Елуа Перети, кој е малку безгрижен, во таа смисла што прави глупости и отпосле станува свесен за тоа. Тој е ентузијастичен, полн со хумор, полн со соништа. Ја опушта атмосферата и не се стресува. И махер е за кримп качување. Тома Мењан е хиперактивен. Станува рано наутро и сака работите да одат брзо. А јас сум спротивност, бавна сум, па се надополнуваме. Гијом Колен е секогаш мотивиран, секогаш подготвен за сè. Во Македонија, дури и во деновите за одмор, продолжуваше да доаѓа на карпата и да бара други насоки. Со Тома заедно се навистина ефикасен тандем. Ромарик Жефруа е најдобриот во искачување и кога обезбедува, секогаш ги поставува точките за обезбедување на големо растојание, додека ние секогаш се обидуваме да го натераме да постави повеќе точки и да не форсира премногу. Тоа е тип кој седнува на страничниот наслон наместо на каучот. Не знае што значи „ден за одмор“. Во Македонија, ја имаше тешката задача со Же да ја раководи логистиката, знаејќи дека со Арно, во текот на претходните патувања, ги имаа поставено стандардите многу високо. На пример, секоја вечер, како што обезбедувавме оддолу нагоре должина по должина, се обидувавме да го завршиме денот на сидриште и да ја подигнеме целата опрема дотаму, за да можеме веднаш да почнеме следното утро. Затоа требаше добро да се забележи сето она што го качуваме и симнуваме за да се информираат сите што треба да се качи следното утро. Жером навистина ме импресионира. Во качувањето, обезбедувајќи оддолу, тој се шеташе. Вистински виртуоз. Се качуваше многу опуштено, со погледот на нова карпа, и се сместуваше секогаш во удобна позиција за да направи отвор, волшебно. Не се фали многу, но има огромно искуство и не остава ништо на случајот. Многу научивме од него.

Гремпе: Да продолжиме за Македонија. Пристигнувате на лице место, ја гледате карпата и што се случува тогаш?

Солен: Пред да пристигнеме, можевме да видиме само една обична фотографија од стрмната карпа која, на сликата, не изгледаше дека има повеќе од 100 метри висина. Значи, треба да признаеме дека кога видовме дека е висока речиси трипати по толку, бевме пријатно изненадени! Да не зборуваме за моментот кога видовме во колкава мера карпата е чиста и извајана, со мали хоризонтални фатишта и столбови во целината…

Бевме пречекани од домаќините кои ни покажаа видеа од предната страна. Почетокот беше доста очигледен зашто имаше само една можна насока врз прекрасни столбови. Потоа, отидовме да ја видиме карпата во живо и уште од подножјето забележавме дека фотографијата што ја видовме не ја доловуваше воопшто предната страна. Домаќините се беа качиле претходната недела за да ни најдат пристап до подножјето на ѕидот. Но, бидејќи предната страна се состои од поврзување на превиси и плочи, се гледаа само првите метри. Истиот ден започнавме со обезбедување на првата должина, впрочем токму јас се зафатив за тоа.

Гремпе: Вие се впуштате во обезбедување, како конкретно се одвива тоа?

Солен: Бидејќи видливоста на предната страна не беше баш добра, она што си го замислувавме од долу не беше сосема соодветно на реалноста и во основа сè коригиравме, импровизирајќи должина по должина. Особено кога видовме дека карпата има малку места за држење и дека првично имавме предвидено премногу тешко напредување. Значи ги баравме насоките на движење (кои сепак беа со тежина околу 8!). Не беше само синиот превис на третата должина премногу убав за да биде избегнат! Но, воопшто, оваа насока има голем наклон, што значи дека е потребен голем напор. Дури и плочите беа тешки! Што се однесува до определувањето на должините, тоа се направи спонтано, според ритамот на премин од плочи кон превиси, што наметна релативно кратки должини. Конкретно, за да се обезбеди од долниот дел, тргнуваме челно, како да сакаме да ја прескокнеме насоката, но со батериска хилта во задниот џеб за да поставиме точки таму каде што е потребно. Се движиме и со користење на пукнатините од капки вода, поставуваме клинови во пукнатиите ако има можност за тоа или експанзиони клинови. Тоа се точките кои се отстрануваат во случај на грешка на правецот на движење и кои овозможуваат да се искористи вештачка потпора во случај на виша сила. Треба да се напомене дека искачувањето беше толку напорно што имавме повеќе случаи на виша сила на оваа траса!

Гремпе: Може да ни раскажеш за клучните должини? Дали сите тие беа поврзани?

Солен: „Аносмија“ има 9 должини: 7ц, 8б, 8б+, 8а+, 6ц, 7б, 8а, 8а+, 7б+ и двете клучни должини се третата и осмата, односно двете плочи. Всушност, тоа не се вистински плочи, туку вертикали кои бараат многу користење на прстите, а просторот за стапалата е многу тесен и тешко се постигнува стабилност. Првата е сината испакнатина која веќе ја споменав предмалку. Таа води до една компактна и чиста карпа каде едвај има услови и качувањето е многу напорно. Преминот, две движења како врз жилети со минимален простор за стапалата, јас не успеав да го направам и на крај само Же Пувро успеа да ја поврзе должината! Сепак, се обидовме… Момците не беа многу далеку од поврзување, морам да напоменам! Втората клучна должина, 8а+ во осмата должина, ја опремивме и само Гијом, Џо и Же можеа да се обидат… И уште еднаш само Же успеа да ја поврзе! Слично, се работеше за плоча во ѕид кој требаше целосно да го исчистиме затоа што имаше многу мов. Откривме рамни и тешки фатишта што ни даде насока со многу остар почеток, незамисливи и неочекувани методи. Интересно е тоа што сите ги поврзавме должините со превиси (Д1, Д2, Д4 и Д7), но само Же успеа дополнително во оние две должини со плочи. Но, за жал, со ограничувањата во опремата и заморот, немавме време да направиме обид од земја кој би му овозможил да се обиде да ги поврзе со едно искачување сите должини на насоката прописно како што треба.

Гремпе: Ќе се обидете ли да се вратите за да ја поврзете оваа „кралска насока“?

Солен: Мислам дека тоа ни остана на сите во некое ќоше од главата како сон, но ќе треба навистина да се вратиме многу зајакнати во поврзување за да успееме да ја искачиме одеднаш, особено должините во плоча. Јас лично знам дека за да можам да поврзам таква насока во еден ден ќе треба да тренирам и да напредувам на плоча… Како анегдота, претседателот Владимир (Претседателот на Македонската спортска качувачка федерација) му се јави на Адам Ондра на Фејстајм. Адам изгледаше заинтересиран и мотивиран да дојде да ја види нашата насока! Дури нè праша дали мислиме дека има можност да се поврзат првите три должини во една, која би била долга речиси 80 метри! Ние бевме премногу среќни и меѓу нас се обложувавме на неговиот успех. Во секој случај, би било огромен подвиг да се направи тоа само по видување.

Гремпе: Дали може да ни раскажеш за местата наоколу и за потенцијалот на зоната?

Солен: Падината на „Аносмија“, наречена Француски ѕид од локалците, има уште потенцијал. Забележавме неколку линии (долги насоки и кратки тешки насоки на столбови) кои чекаат да бидат обезбедени! Инаку токму спроти предната страна има една голема пештера што се вика Мавровска пештера. Еден ден се искачувавме таму и тоа е навистина добар сектор со многу насоки со тежина околу 7 и 8 и дури 9! Што се однесува до останатиот дел, малку се прошетавме низ паркот Маврово и насекаде има стрмни карпи, значи да, има потенцијал. Сигурно има други спектакуларни карпи кои чекаат да бидат откриени. Во Македонија го има и Прилеп, кој е голем сектор со камени блокови и многу добро развиен. А на југот го има и фестивалскиот сектор на Демир Капија, каде поминавме 2 дена. Се работи за тесни клисури со убави, лесни, долги насоки и малку потешки кратки насоки. Како анегдота, Готје Супер таму отворил една насока со тежина 8c+ во текот на фестивалот минатата година, а оваа година Ромарик го направи првото повторување на насоката.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram