Што е ново во ИМЕ

Македонскиот ИКТ сектор во време на Ковид-19: двигател на дигиталната трансформација и социјална одговорност 

Се чини како светот да се сврти кон дигиталните технологии како спас не само при спречувањето на ширењето на Ковид-19, туку и да ги адаптира социјалнните услуги и бизнис процесите во новиот начин на живот и работа. И Северна Македонија не е исклучок од ова. Уште во првите неколку недели, македонските ИКТ компании лансираа дигитални алатки, почнувајќи од мобилни апликации за откривање близок контакт со потенцијално заразени лица, дигитални платформи за здравствени услуги, е-трговија и (бесплатни) услуги за дигитализација. Улогата на ИКТ секторот во и за македонската економија стана важна како никогаш досега.

Северна Македонија стана првата земја од Западен Балкан која ја лансираше мобилна апликација за откривање близок контакт и спречување на ширењето на вирусот. Локалната софтверска компанија „Некстсенс“ ја разви апликацијата StopKorona! и ја донираше на македонските власти. Апликацијата, која беше инсталирана од 5000 корисници уште првиот ден, е придонес од „Некстсенс“ во заедничкиот напор за борба против пандемијата. Набрзо потоа, Владата на Унгарија ја промовираше VirusRadar, мобилна апликација исто така развиена и донирана од „Некстсенс“. Во екот на кризата, оваа софтверска компанија разви уште едно дигитално решение за македонскиот здравствен систем. Е-Рецепт, нов централизиран систем за пропишување рецепти по електронски пат, наиде на позитивни реакции кај јавноста, со надеж дека ова решение ќе стави крај на неефикасните бирократски процедури во здравството. Следејќи го примерот од други земји, уште една локална компанија, GDI, промовираше мапа која во реално време ги следи случаите на заразени со корона во државата со цел подобро информирање на властите и јавноста.

За време на кризата, ИКТ секторот покажа високо ниво на социјална одговорност и солидарност не само кон државните власти и јавноста, туку и кон другите бизнис сектори кои се најдоа попогодени.

StartUp Macedonia мобилизираше ИКТ стартапи и со поддршка од ФИТР ја лансираше платформата  TechPack за да понуди (бесплатна) помош при дигитализација на услугите на малите и средни претпријатија од останатите сектори за тие полесно да ја пребродат кризата. Две други платформи кои се појавија во овој период се Onlajn.mk агрегатор за е-трговија и Ways2Help платформа за поврзување на донации. И двете платформи се придонес од локални ИКТ професионалци и компании. ИМЕ ќе продолжи да ги промовира овие алатки кај компаниите од секторите во кои делува, со цел да го поттикне нивниот раст и адаптибилност на условите за работа во кризата и по завршување на истата.

Ковид-19 придонесе за масовно придвижување кон дигитална трансформација. Релативно младиот ИКТ сектор покажа високо ниво на зрелост и социјална одговорност за да помогне во справување не само со непосредната закана од вирусот, туку и да понуди поддршка за одржливост и ефикасност на останатите социјални и бизнис сегменти во државата. Идните заложби на ИМЕ продолжуваат да бидат во насока на поддршка на софтверската индустрија како веќе етаблиран механизам за зголемена продуктивност, ефикасност и иновација, како и поддршка за трансформација кон општество базирано на знаење.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40