Што е ново во ИМЕ

Мода со еден клик: македонска софтверска компанија го продава својот производ на модните гиганти низ Европа со поддршка на ИМЕ

Пандемијата предизвикана од Ковид-19 има влијание и на модната индустрија. За прв пат во последните неколку децении има намалена побарувачка од страна на купувачите. Фабрики и продавници за облека се затвораат поради откажани нарачки, но и за да се спречи ширење на вирусот низ производствените погони. Истовремено, единствен безбеден и ефикасен начин е купувачите да се пренасочат кон онлајн продавници, тренд кој беше во пораст дури и пред пандемијата. Македонскиот стартап Pixyle.ai веќе ја има препознаено оваа потреба на пазарот и работи на развивање софтвер за визуелно препознавање. Оваа алатка ќе им помогне на модните бизниси да се издвојат од конкуренцијата со тоа што ќе создадат подобри интернет продавници. ИМЕ го препозна потенцијалот на овој производ, кој е новитет на европскиот пазар, и го поддржа развивањето и промоцијата на истиот.

Pixyle.ai е стартап компанија од Штип основана од млада жена која верува дека потенцијалот на вештачката интелигенција може да се искористи во е-трговија. Во 2018, Pixyle.ai добија поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој за да развијат софтвер за визуелно пребарување со примена во онлајн пазарењето, а од друг швајцарски проект – Swiss EP, добија и поддршка и менторство за нивниот стартап подобро да се позиционира на пазарот.

По потпишување договор со еден од најголемите брендови за одржлива мода во Холандија, Pixyle.ai добија позитивни сигнали од модниот пазар во земјите од Бенелукс. Но, потребно беше да го надградат својот производ (софтверот за визуелно пребарување) за да одговорат на потребите на тамошните компании. Бидејќи Pixyle.ai немаа вработени лица за маркетинг и продажба, им беше добредојдена дополнителна поддршка во таа насока. Фондот за развојни можности на ИМЕ е инструментот кој дојде како одговор за овие предизвици.

„Благодарение на поддршката од ИМЕ, вработивме уште двајца членови во тимот за да го доразвиеме нашиот софтвер, кој сега го нудиме како дополнителен производ на (потенцијални) клиенти. Софтверот за визуелно пребарување сега има и додатна функција: алатка за препораки на база на визуелни сличности. Така, крајниот корисник заинтересиран да купи некое парче облека онлајн, благодарение на оваа алатка сега може полесно и поквалитетно да истражува и други слични продукти (со слични бои, шара, крој итн.) пред да заврши со онлајн купувањето.” споделува Светлана Кордумова, основач на Pixyle.ai. Оваа алатка не само што овозможува подобро шопинг искуство за купувачите, туку им помага и на платформите за е-трговија да го подобрат изгледот на нивните интернет продавници, позитивно да ги искористат ситуациите кога некој производ го нема на залиха и да понудат друг како замена, а со тоа да ја зголемат конверзијата од посетители во купувачи, продажбата и интеракцијата со купувачите.

Со поддршка на ИМЕ, Pixyle.ai воведе и посеопфатен пристап за продажба на нивниот иновативен производ. Тие склучија партнерство со компанија чија специјалност е идентификација на потенцијални клиенти (бизниси) и претставување на производот со цел остварување продажба. Pixyle.ai сега има пристап до поголем број потенцијални клиенти, како и експертска поддршка за маркетинг и промоција преку е-маил, социјални медиуми и блогови.

Pixyle.ai сега е во преговори со потенцијални клиенти и се доста активни на социјалните медиуми, е-маил маркетинг и блогови, работејќи на зацврстување на брендот на компанијата. „Со помош на технологијата на база на вештачка интелигенција, им помагаме на модните бизниси подобро да ги менаџираат своите онлајн каталози, а работиме и на маркетинг и промоција за да ги информираме нашите клиенти како вештачката интелигенција може да го помогне нивниот бизнис”. За само неколку месеци, Pixyle.ai веќе започна пилот проекти со два модни бизниси од Холандија и Шведска.

„Како резултат на оваа поддршка, сега сме на подобра позиција за да оствариме одржлив раст, да продолжиме да го шириме тимот, а сме и прва компанија која го донесе овој производ на пазарите во ЕУ. Сега сме неколку чекори поблиску до остварување на нашата мисија, а тоа е да имаме 5 нови клиенти до крајот на 2020 год., добро да се позиционираме на пазарот во земјите од Бенелукс и да почнеме да се прошируваме и низ други пазари во Европа.” – за крај споделува Светлана.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40