Што е ново во ИМЕ

По втор пат одржан „Светски ден на Вранецот“ со швајцарска поддршка

Во организација на Здружението „Вина од Македонија“, на 5 октомври 2020 во Скопје, по втор пат се одбележа Светскиот ден на Вранецот, во соработка со производителите на оваа сорта од Македонија и од регионот но и голем број соработници и дистрибутери во светот. Преку организација на онлајн настан, со учесници на македонската и регионалната индустрија за вино и интернационални експерти за вино од В.Британија, Германија, Холандија, Словенија и Македонија, овој настан има за цел да ги поддржи напорите на локалните винарници во производството и промоцијата на вината од сортата Вранец, како и да придонесе за зголемување на препознатливоста на оваа сорта на меѓународно ниво.

„Вранецот претставува наша компаративна предност и сорта врз чија основа треба да ја базираме промоцијата на нашата земја и целиот балкански регион. Затоа активностите за популаризација на Вранецот и неговото поврзување со Македонија и Балканот се од огромно значење. Драго ми е што ваквиот потенцијал го препознаа винарниците и домашните институции и заеднички ќе можеме да постигнеме многу повеќе“, изјави г. Светозар Јаневски, претседател на Здружението „Вина од Македонија“.

„Препознатливоста на Вранецот се поврзува и со препознавање на подрачјата на кои се произведува, а со тоа се допринесува зајакнување на туристичките понуди и одржување на развој на руралните подрачја како и целосна претпознатливост на нашата земја. Како идна земја членка на Европската Унија  желба ни е да со одржување на Светкиот ден на Вранецот да пратиме порака дека сме посебно горди на производителите на винско грозје и на производителите на вино, бидејки сме сигурни дека ќе се препознае добриот квалитет на македонското вино Вранец.“ – изјави Аријанит Хоџа, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Швајцарската амбасада, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, втора година по ред ја поддржува иницијативата за одбележување на Светскиот ден на Вранецот. Во оваа пригода, Сибил Зутер, амбасадорка на Швајцарија, истакна: „Со градење на репутацијата на брендот Вранец отвораме можност за извоз и на другите македонски сорти вино и зголемен извоз на македонско флаширано вино како производ со висок квалитет. А, виното во комбинација со традиционалната храна придонесува и за подобар имиџ на земјата како туристичка дестинација. Швајцарија продолжува да работи со приватниот сектор, институциите и останатите локални партнери за ги поддржи македонските агробизниси да воведат нови технологии и практики, да имаат подобар пристап до странски купувачи и подобрен пласман на меѓународните пазари.

На Светкиот ден на Вранецот се промовираше и информативната брошура за македонската винска индустрија која е наменета за промоција на земјата на интернационалните пазари. Оваа брошура која преставува голем чекор напред во поглед на вистинско преставување на една винска земја на странските пазари е изработена со поддршка на Министерството за економија.

„Здружението Вина на Македонија, е пример за успешен кластер, кој ја поттикнува соработката на фирмите производители на вино, активно работејќи на нивната конкурентна понуда, препознатливост, промоција и зголемување на извозот. Министерството за економија преку КИП Програмата за 2019 година има доделено финансиска поддршка на активности на кластерот Вина на Македонија за изработка на промотивен материјали за македонската винска индустрија.“ – потенцираше Крешник Бектиши, Министер за економија.

Добра регионална и меѓународна промоција е предуслов за влез на нови пазари, освојување нови клиенти и потрошувачи и зголемен извоз. Светскиот ден на вранецот прераснува во веќе препознатлив настан и ќе помогне оваа сорта да се позиционира на исто ниво со најдобрите интернационални вински сорти. По минатогодишниот настан, извозот на вината Вранец во шише бележи раст од 7% и покрај тоа што станува збор за година полна предизвици за угостителскиот сектор.

Вранецот е сорта која во нашата земја е засадена на близу 11.000 хектари со што Македонија е најголем производител на вино од оваа сорта.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40