Што е ново во ИМЕ

Промотивно видео за Кратово, Куклици и Кокино во рамки на кампањата „Дома си е дома“

Кратово – град на средновековни кули и мостови. Се претпоставува дека на денешната локација на градот Кратово многу одамна постоел град под името Кратискара. Под името Кратис или Коритон каселбата се спомнува во византискиот период, а денешното име е добиено по местоположбата на градот во кратер на изгаснат вулкан. Релјефните услови на просторот условиле во Кратово да се развие посебен архитектонско-градежен пристап, односно типична кратовска архитектура. На велосипед или пешки истражувајте ги кулите и мостовите кои му даваат на градот средновековен лик и амбиент на град-музеј.

Не многу далеку од Кратово, во близина на село Куклица, ќе ги откриете и Камените Кукли, познати како Куклици. Резултат на природна појава настаната со долготрајната ерозија на вулканските карпи со различна отпорност: игнимбрити, андезити и туфови. Научниците, пак, велат дека камените фигури се создале пред 10 милиони години, кога се уште немало луѓе на планетата. Вертикалната ерозија на вулканските карпи создала “кукли” повисоки од десет метри, кои и денес доминираат во питомата околина. Со тек на времето природата од нив извајала ретки ремек-дела. Мештаните, пак, ќе ви раскажат и неколку преданија поврзани со Куклици.

Додека сте во околината, не ја пропуштајте мегалитската опсерваторија Кокино која се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане. До неа води асфалтен пат, а последните 500 метри треба да се пешачи за да се стигне до самата опсерваторија Кокино. Таа е поставена на врвот „Татиќев камен“, на надморска висина од 1030 метри. Опсерваторијата е откриена случајно во 2001 год. Се верува дека датира во 1800 год. п.н.е., односно раното бронзено време, а се протега на површина од 5 000 квадратни метри. Според наодите на археолозите на локалитетот Кокино немало живеалишта туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште. Во процепите на карпите, настанати со стврднување на лава, се ставале предмети наменети за нивните божества.

Овој мистичен регион, полн со шуми и рекички чека да го истражите и да го осознаете непознатото.

Серијалот од 10 видеа за промоција на домашниот туризам е изготвен во рамки на кампањата „Дома си е дома“. Видеата се изработени со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), во соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40