Што е ново во ИМЕ

Промотивно видео за Галичник и Маврово во рамки на кампањата „Дома си е дома“

Секое годишно време има своја бајковитост во Национален Парк Маврово. Затоа оваа дестинација е совршена и за летните и за зимските периоди. Живописните села пред вас откриваат планински пејсажи и мистичноста на мијачката култура. Тиe се: Маврови Анови, Маврово, Леуново, Никифорово, Галичник, Ростуше, Гари, Јанче, Тресонче, Битуше и Лазарополе.

Како најголем национален парк во државата, во границите на паркот се опфатени планините: Кораб, Дешат, југозападните ограноци на Шар Планина, поголем дел од Бистра и северните делови на Крчин. Средишниот дел на националниот парк го зафаќа долината и сливот на реката Радика, а во склопот на националниот парк е и Мавровското вештачко езеро. Маврово има 30 живописни пештери, меѓу кои и пештерата Шаркова дупка во близина на Ростуше. Во Маврово се наоѓа и Локув, најниското глацијално езеро во Македонија. Живописниот кањон на прекрасната река Радика, му дава посебна убавина на паркот. Многуте клисури, стрмни отсеци, карпи со различен облик и водопади го творат разноликиот и специфичен релјеф на Маврово. Поради ова, а и сместувачките капацитети и ресторани, Маврово е омилена дестинација за скијање зиме, а за планинарење и велосипедизам лете.

На патот од Маврово кон Дебар, посетете го Бигорски Манастир. Според Бигорскиот поменик, манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 годинa. Името на манастирот доаѓа поради фактот што објектот бил изграден од бигор. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква која е посветена на Јован Крстител, костурница, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци. Има и галерија на икони од XII, XII и XIV век и манастирска библиотека.

Галичник е туристичка атракција поради неговата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи. Едно од најубавите планински села, надалеку прочуено по бујните пасишта, прекрасниот кашкавал и бело сирење, како и по извонредните ѕидари и градители. Се наоѓа околу 10 километри до Мавровско Езеро и ски-центарот Заре Лазарески. Лежи на падините на Бистра, во срцето на мијачката област. Интересната местопложба на Галичник, на надморска височина од околу 1400 метри, се дополнува со автентичниот изглед на куќите. Вештината на градење на жителите од овој крај е позната и во европските метрополи, каде што мајсторите го докажале својот занает. Во јули се одржува традиционалната Галичка свадба, која денес има повеќе културно значење и е еден вид традиционална културна манифестација. Галичник веќе станува и привлечна дестинација за јавање коњи во организирани тури за посетители.

Создади нови доживувања во секое време од годината.

Серијалот од 10 видеа за промоција на домашниот туризам e изготвен во рамки на кампањата „Дома си е дома“. Видеата се изработени со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), во соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40