Што е ново во ИМЕ
Промотивно видео за Вевчани, Струга и Охрид во рамки на кампањата „Дома си е дома“
Симболот на југозападот на државата се чини дека е водата. Реки, езера, извори. Испресечени со ридови и планини. Комбинирани со историја, традиција и култура. Очигледно е зошто овој духовно богат простор е прв избор за многу домашни и странски туристи.
Во Вевчани речиси сѐ е во знакот на водата. Во селото има толку многу вода што на момент ќе ве натера да помислите дека сте се нашле во некоја рурална Венеција. Вевчани се споменува како селска населба уште од крајот на 9 век, кога било развиена и економски силна. Истовремено, Вевчани изобилува со градски шмек и шарм. Денес претставува симбол на независност и протест за одлуките што не соодветстуваат со локалниот интерес на сите здружени сожители. И до ден-денес се прогласуваат себеси за држава во држава. Кога ќе го посетите Вевчани, мора да поминете и покрај извориштето, познато како Вевчански Извори, кое претставува споменик на природата. Вевчани вистински ќе го доживеете кога ќе одлучите да станете дел од традиционалниот пагански карневал, кој се смета дека опстојува веќе 1400 години – Вевчанскиот карневал.
Како Струга нема друга. Идеални за мирна прошетка и уживање во прекрасна глетка покрај самата вода, кејовите на Црн Дрим имаат клупи и сенки и се поврзани со три мостови. Водата од Охридскот езеро истекува низ реката Црн Дрим која, поминувајќи низ средината на градот, низ Струшкото Поле и клисурата, продолжува низ Албанија и се влева во Јадранското Море. Истекот на водата во близина на хотелот Дрим е посебна атракција за секој посетител на Струга. Спомен-куќата на браќата Димитар и Константин Миладиновци се наоѓа во центарот на Струга. Реновирана е врз темелите на старата куќа на Миладиновци. Во неа се наоѓаат материјали од животот и делата на овие знаменити македонски преродбеници, добитници на Златен венец на поезијата. Во чест на нивните поетски достигнувања и збирки на народни песни и умотворби, објавени во познатото дело Зборник на народни песни, денес се одржува познатата поетска манифестација Струшки вечери на поезијата.
Охрид, град на североисточниот брег на Охридско Езеро, и дом на 365 цркви. Охридската пастрмка, која се наоѓа и на македонските монети, е еден од ендемските видови на слатководни европски риби. Најблизок предок е на видовите кои живееле на ова подрачје уште од Терциерот.Посетете го Охрид лете за водни авантури и уживање на познати и помалку помалку познати плажи. Посетете го Заливот на коските во близина на плажата Градиште. Тоа е музеј на вода, каде во водата се поставени пронајдените остатоци од древното живеалиште, нуркачка база и реконструирани тврдини од Римското Царство од II век.Посетете го Охрид преку целата година за да ги истражите сведоштвата за христијанскиот црковен живот во Македонија од I век од новата ера.
Преминете отаде Галичица на велосипед, за да се спуштите во соседна Преспа. Продолжете ја авантурата и откријте нови хоризонти.
Серијалот од 10 видеа за промоција на домашниот туризам e изготвен во рамки на кампањата „Дома си е дома“. Видеата се изработени со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), во соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.