Што е ново во ИМЕ

Промотивно видео за Шар Планина, Тетово и Гостивар во рамки на кампањата „Дома си е дома“

Тетово е град во северозападна Македонија, на падините на Шара, односно во долната Полошка Котлина. Мултиетничкиот амбиент, познатите тетовски пазари, кафе и слатки се дел од белезите на градот кои не можете а да не ги почувствувате. Веднаш над градот се издига Тетовското Кале, тврдина од поново време, изградена околу 1820 година. Калето е градено од бигор и делкан камен. Шарена џамија е споменик на културата од XV век, кој е надграден и проширен во XIX век. Бројните живописно насликани орнаменти, сликовитоста и употребените сликарски техники претставуваат раритет и извонредно дело на исламската архитектура. Тие се дело на искусни мајстори од Дебар, кои освен што ја насликале џамијата однатре и однадвор, истовремено го декорирале и дервишкото Арабат-баба теќе и неколку куќи на бегот. Недалеку од Тетово, во селото Лешок се наоѓа комплексот на Лешочкиот манастир со манастирската црква Св. Атанасиј од 1335 година, црквата Света Богородица, која постои од XIII век и се спомнува во грамотата од Стефан Дечански од 1326 година, како и остатоци од пет цркви и параклиси од средниот век. Во манастирот е сместен гробот и спомен-собата на Кирил Пејчиновиќ, еден од најголемите македонски преродбеници од XIX век.

Во околината на Тетово ќе најдете прекрасна природа, села и излетнички места. А над Тетово – Шар Планина, со должина од 80 км и со површина од 1.600м2. Попова Шапка, со надморска височина од 1.780 метри, е туристички локалитет на Шар Планина и еден од најпознатите зимско-рекреативни центри во Република Македонија. Располага со поволни терени за зимски спортови, вклучително скијање во длабок снег и турно скијање. Летно време, пределите се совршени за планинарење и планински велосипедизам. Позападно на планинскиот масив се наоѓа Љуботен, највпечатлива шарпланинска точка поради својот облик на пирамида, редовно посетуван од планинари и туристи.

На патот кон Маврово, наминете во Гостивар на традиционална баклава и кафе. Во близина на градот, во селото Вруток се наоѓа изворот на најголемата македонска река Вардар. Во Вруточките рибници за прв пат била створена Златната Пастрмка, а подоцна и Сребрената, за сите гурмани кои дошле да ја посетат оваа туристичка атракција. Kако туристичка атракција, преставува една модерна селска населба со огромен потенцијал за еко туризам.

Впушти се во авантура. Истражи го регионот и дополни ја листата со места кои вредат да се посетат.

Серијалот од 10 видеа за промоција на домашниот туризам е изготвен во рамки на кампањата „Дома си е дома“. Видеата се изработени со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), во соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40