Што е ново во ИМЕ
Безбеден зимски активен туризам: Обука на нова генерација ски-патролери
Центарот за образование и научно истражување Планинска Академија во соработка со Ски-центарот Попова Шапка и Здружението за планинско спасување „Асклепиј“, на почетокот на јануари 2022 година ќе започнат со обука на нова генерација ски-патролери.
Обуката се изведува според програма верификувана од страна на Министерството за образование и наука, во согласност со светските стандарди за безбедност на планина, препорачани од Меѓународната комисија за планинско спасување (International Commission for Alpine Rescue: ICAR), каде што здружението „Асклепиј“ е членка од 2016 година, како единствена организација од Република Северна Македонија.
Покрај тоа, Планинска Академија, Ски-центарот Попова Шапка и „Асклепиј“ ќе започнат со организирање на серија работилници посветени на безбедноста во ски-центрите, како дел од активностите за имплементација на современи стандарди за управување со ризик во активниот туризам.
Стандардизираната обука на ски-патролери во земјава се спроведува од 2018 година, а во 2019 година процесот за обука на ски-патролери и подигнување на стандардите за безбедност во ски-центрите во Република Северна Македонија беше поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, при што беа обучени петнаесетина ски-патролери. Исто така, се одржаа и неколку работилници посветени на безбедноста во ски-центрите, што даде значаен придонес кон развој и афирмација на професијата ски-патролер и промовирање на нејзиното значење за креирање на квалитетни туристички производи и атрактивен зимски дестинациски простор.