Што е ново во ИМЕ

Интервју со Домника Стојческа: Доброто управување со човечките ресурси е клучен фактор за успех во бизнисот

Програмата „LEARN2GHROW“ е поддржана и финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ и проектот Е4Е Образование за вработување во Северна Македонија – E4E, а се спроведува од ИНСАЈТ Груп  и САМЕРИМПЕКС ИМПУЛСИ

Ски-центарот Панорама и Хотел Панорама Спа Крушево успешно ја дополнуваат постоечката туристичка понуда и придонесуваат за промоција на активниот туризам во Крушево. Со Швајцарска поддршка, го додадоа и планинскиот велосипедизам во туристичката понуда на регионот.

Ова е интервју со Домника Стојческа од Хотел Панорама Спа Крушево. Покрај тоа што компанијата вложува во развојот на активниот туризам во овој регион, таа е и една од компаниите учеснички во специјализираната програма за менторство и коучинг за вовед на нови вработени и развој на компетенции за постигнување на деловните цели „LEARN2GHROW“ или „РАСТ на бизнисот преку РАЗВОЈ на вработените” која се реализира во периодот октомври 2021- февруари 2022 година.

Во интервјуто кое го водеше го водеше Ема Јакимовска, Менаџер за комуникации во Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, се фокусираме на искуството од програмата, укажувајќи на тоа дека Хотел Панорама Спа Крушево се работодавач кој редовно вложува во развојот на човечките ресурси и градењето на организациска култура, која придонесува за зголемена продуктивност на вработените, а со тоа и раст на бизнисот.

ИМЕ: Што ве поттикна да се вклучите во програмата LEARN2GHROW?

Водени од постоечките предизвици со кои се соочувавме во сферата на човечките ресурси, одлучивме да учествуваме на Вебинарот „РАСТ на бизнисот преку РАЗВОЈ на вработените“ кој се одржа минатата година во септември. Таму имавме можност да слушнеме повеќе за позитивни минати искуства на компании кои веќе биле дел од ваков тип на програми и за примената на слични практики за човечки ресурси при развој на бизнисот, особено во Ковид кризата.

Па така, кога станува збор конкретно за нашето вклучување во оваа програма, морам да истакнам дека бевме поттикнати од комплексноста во работењето и организирањето на човечките ресурси и нивното имплементирање во праксата, особено во нашата угостителска-туристичка дејност.  Исто така, сметавме дека програмата ќе биде корисна и поради стекнување на поголема информираност во однос на законските регулативи, во врска со правата и одговорностите на вработените. Пограмата е одлична можност да се дознае повеќе за трендовите, практиките и искуствата за управување со човечките ресурси како клучен фактор за зголемена продуктивност и раст на бизнисот.

ИМЕ: Кои придобивки ги гледате од досегашната соработка со консултантите?

Соработката со консултантите е базирана на реални искуства и најдобри светски практики и методологии. Во досегашните изминати обуки се поттикнуваше принципот на инклузивни практики за управување со човечките ресурси. Се сретнавме со за нас познати стратегии и тактики во работењето во овој сектор, но се сретнавме и со нови содржини, како на пример редослед на фазите при вработување на нов персонал, како и полесен и побрз начин на нивно вклучување во процесот на работењето. Ги проширивме нашите знаења околу менторирањето и коучингот како современа алатка, со одговорните и вработените. Многу полесен и појасен ни е процесот на систематизацијата на вработените и распределбата на работните задачи.

Покрај обуката, целосната програма е во тек и се состои од сесии за индивидуално менторство, меморандуми за формализирање на соработката меѓу бизнисите и високообразовните институции, прирачници за човечки ресурси и слично.

ИМЕ: Кои се клучните предизвици на кои компанијата се фокусира во проектот?

Клучен предизвик за нашата компанија е задржување на вработените на подолг период, бидејки угостителскиот сектор кај нас е комплексен и проблематичен поради тоа што вработените, особено младите не го гледаат како своја професија и иднина во која би се вложиле целосно. Затоа, преку една ваква обука, сакавме да се стекнеме со соодветни знаења и вештини, кои ќе ни помогнат во правилно управување и задржување на постоечкиот кадар во компанијата, но континуирано да работиме и на привлекување на нови вработени, кои долгорочно би го граделе својот професионален развој во нашата компанија.

ИМЕ: Што би порачале на компаниите кои ја разгледуваат можноста за вклучување во следниот циклус на програмата?

Нашата држава се среќава со сериозни проблеми од недостиг на стручна и компетентна работна сила, како и општ недостиг на добри работници. Оваа програма нуди директна поддршка на малите и средните компании во областа на управувањето со човечките ресурси.

Ваквата поддршка за овој тип на обуки треба да претставува мотивација и охрабрување на компаниите да вложат ресурси за развој на човечкиот капитал како предуслов за зголемен деловен успех. Па така, сметам дека е од корист да се посетуваат овие или слични обуки поради препознавање и задржување на квалитетни вработени и воспоставување на еден добар и зрел однос помеѓу работодавачот и вработените, како и квалитетна тимска работа и соработка. На овој начин, компаниите исто така стекнуваат информации за најновите истражувања во областа на човечките ресурси и со тоа воспоставуваат корисни промени во целокупното деловно управување.

Следете нѐ за сите следни новости поврзани со Програмата „LEARN2GHROW“!