Новости

Модерен пристап на одржлив економски развој преку креирање на Стратегија за паметна специјализација

Поврзување на знаењето, иновациите, бизнисот и институциите за поголема конкурентност

Растот на економијата преку искористување на иновативниот, научниот и економскиот потенцијал на владиниот, приватниот сектор и академијата е основа за развивањето на Стратегијата за паметна специјализација.  Процесот за подготовката на Стратегијата за паметна специјализација започна во март 2018 година, а истиот е особено важен за државата бидејќи со неа се издвојуваат секторите со најголем потенцијал за развој, кои претставуваат двигатели за сите други во економијата.

Четирите сегменти  детектирани согласно методологијата на заедничкиот Истражувачки центар на Европската комисија се паметно земјоделство и преработувачка индустрија со додадена вредност, информатичко-комуникациска индустрија, индустрија 4.0 каде спаѓа електромашинска, металопреработувачка и автомобилска индустрија и последната област, паметни објекти и материјали. Нотирано е дека треба да се вложува и во туризмот и во енергетиката како сегменти кои ги поврзуваат четирите области.

Во декември минатата година официјално започна Процесот на претприемничко откривање (Entrepreneurial Discovery Process – EDP) во рамки на креирање на стратегијата, кој подразбира формирање посебни работни групи кои водат интерни дебати и тематски работилници, кои ќе траат до крајот на мај. Учесниците на работилниците развиваат меѓусебна доверба, поставувајќи заеднички цели и трасирање пат за остварување на тие цели, како модерен пристап на економски развој кој ги поврзува знаењето, иновациите, бизнисот и институциите.

Експертизата на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) во секторите – одржлив агробизнис, активен туризам и информатичко комуникациски технологии помага во модерирање на тематските работилници со сите релевантни чинители во секторите. Со директна вклученост и инпут од приватниот сектор, на работилниците контунирано се дефинираат приоритетите за истражување и иновативност во областите за делување, со цел искористување на целосниот потенцијал за раст на секторите.

На првите работилници за паметно земјоделство и преработувачка индустрија со додадена вредност и информатичко-комуникациска индустрија беше направена детална SWOT анализа за областите, како основа за дефинирање на понатамошните приоритети поврзани со конкретни мерки и политики за развој. На втората серија работилници од ЕДП процесот се подготви заедничка визија за секоја од областите и дефинирање на стратешки цели и насоки според кои треба да се водат политиките и мерките за поддршка од страна на државата. Политиките и мерките детално ќе се дискутираат и дефинираат на третата серија на работилници, кои ќе се одржат на 3-ти мај 2022 (информатичко-комуникациска индустрија) и на 5-ти мај (паметно земјоделство и преработувачка индустрија).

Покрај, Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ поддршка за креирање на Стратегијата за паметна специјализација е обезбедена и од Светска Банка во Северна Македонија и ГИЗ – Германско друштво за меѓународна соработка.

Процесот на креирање на Стратегијата за паметна специјализација го координира Министерството за образование и наука со поддршка на Министерството за економија, а под покровителство на Вицепремиерот за економски прашањa, координација со економските ресори и инвестиции при Владата на Република Северна Македонија.