Што е ново во ИМЕ
Македонски туроператори учествуваа на онлајн изданието на New Deal Europe 2020
На 5 октомври 2020, се одржа онлајн издание на New Deal Europe – првиот саем за туризам специјализиран за патувања на земјите од Балкан. Учествуваа над 120 туроператори од 22 земји низ светот кои имаа можност да се запознаат со понудата од туроператори од 11 земји од Балканот.
Според учесниците, ова пред сè е одлична можност за промоција на Македонија како туристичка дестинација. „На главниот банер на онлајн настанот беше прикажана фотографија од Канео, Охрид. Многу од потенцијалните купувачи, туроператори од цел свет, кои никогаш не биле во наша земја, сега дознаа повеќе најпрво за дестинацијата, а потоа и поконкретно за нашите понуди како туроператори.“ сподели Александар Кузмановски од Симониум Травел. „Ова беше одличен и многу продуктивен ден за нас. Остваривме дури 22 B2B состаноци со врвни светски туроператори од рангот на Tui, Nordic и Jet2Holidays. Од инфо сесиите каде беа претставени истражувања за перцепции на посетителите на Балканот, дознавме дека Македонија одлично котира, така што ваква меѓународна промоција мора да продолжи за да имаме што подобри резултати и повеќе странски туристи.“ – додаде Александар, Симониум Травел.
„Настанот беше одлично организиран. Нашата агенција Enjoy Balkans реализираше 27 состаноци со туроператори од Англија, Америка и Франција. Сите изразија голем интерес за Балканот како нова, неоткриена дестинација за нивните клиенти. Голем дел од операторите бараат уникатно искуство, автентично доживување за кои имаме спремно интересни понуди кои ги заинтригираа. Од овие состаноци очекуваме резултати и странски туристи во 2022 и 2023 година“ – сподели Гоце Робев од Enjoy Balkans.





