Договорно производство на јапонско јаболко: Сигурен пласман и експертска поддршка
„Персимон“, или јапонско јаболко е деликатно овошје кое бара внимателна и редовна резидба за да се развие во здраво и родно дрво. Како што најави компанијата Fresh line од годинава започнува и Договорното производство на јапонско јаболко, овошна култура за која имаат комплетна програма од совети за производство до обезбеден пласман.

Во овој процес значително ќе помогне стручниот совет од врвниот експерт од Шпанија, господин Паскал кој беше дојден во нашата земја за да се запознае со начинот на производство на јапонската јаболка од страна на овоштарите. Со своето долгогодишно искуство направи значителен придонес во подобрувањето на нашите постбербени активности. Неговите совети и препораки беа од непроценливо значење за поддршката на нашите земјоделци, со посебен фокус на унапредување на квалитетот и квантитетот на производите. Благодарение на неговата експертиза, Fresh Line направија чекор напред кон постигнување повисоки стандарди и конкурентност на пазарот.
„Целта на доаѓањето на експертот за јапонско јаболко е да се добијат стручни совети и препораки во врска со најдобрите практики за одгледување, берба, постбербени процеси, складирање и продажба на јапонски јаболка. Експертот ќе помогне во оптимизација на процесите на нива, како и во подобрување на постбербените процеси за да се обезбеди квалитет на производите, нивно долго складирање и минимизирање на загубите. Дополнително, ќе понуди решенија за потенцијалните проблеми кои може да се појават во текот на овие фази.“ – велат од компанијата.
Следниот период се очекува да се направи анализата на годинешниот откуп, плаќањето на земјоделците, искуството со странските партнери каде што се пласира јапонското јаболко и со ова искуство да се влезе во новата производствена сезона 2025 со Договорното производство за кое овоштарите покажаа интерес.
За успесите од минатата сезона 2024
Минатата година компанијата Фреш Лајн откупи близу 400 тони јапонско јаболко од производители од неколку региони во државата. Интересот од страна на земјоделците беше голем и на неколку откупни центри во Валандово, Росоман и Струмица го носеа родот за продажба.
Еден од нив беше и производителот Горан Мишовски од Валандово. Со него Агротим разговараа за искуството од соработката со компанијата откупувач и плановите за вклучување во Договорното производство кое се најавува за оваа година.

„Договорното производство е добро за нас како земјоделци од повеке причини, прво ние како земјоделци не сме доволно информирани за побарувачката на јапонски јаболки, за разлика од фирмите кои полесно се снаоѓаат на принципите на пазарна економија, второ немаме доволно време за следење на корисни информации во поглед на правилно одгледување на насадите (кроење, заштита, ѓубрење, начин на берба) и трето немање на постојан откупувач, со кого би изградиле партнерски однос и би добиле и добар квалитет и добри приходи.“ – изјави Мишовски.
Што се однесува до сработката со Фреш Лајн околу откупот, условите, цената и начин на плаќање, вели дека е многу задоволен и ќе ја продолжи соработката и оваа година со вклучување во Договорното производство кое се најави уште минатата година.
Договорно производство – сезона 2025
Задоволните овоштари од начинот на соработка и пристапот на Fresh line, годинава продолжија со долгорочна стратегија за развој на јапонското јаболко секаде, особено во Росоманскиот крај. Договорното производство на јапонско јаболко започна со едукација за начинот на одгледување, кроење, калемење до правилна берба, постбербени активности и пласман.
Меѓу првите земјоделски производители кои се приклучија во проектот е фамилијата на Лидија Варналиева од Валандово. Агротим го пренесува нивното досегашно искуство за соработката со Fresh line, моменталната состојба и каква е важноста на Договорното производство за производителите.
„Почнавме со калемење според насоките на консултантот што Fresh Line го донесе од Шпанија. Тој не само што ни ги даде препораките за избор на сорта, туку ни помогна и со детални инструкции за кроење и за системот за наводнување. Според неговата идеја и предлог, започнавме со поставување на нов и современ систем за наводнување – инвестиција што бара сериозни средства, но е многу посоодветна ако сакаме да добиеме квалитетен и пазарно препознатлив плод. Веруваме дека со поддршката што ја добиваме од Fresh Line и со понатамошните консултантски услуги, ќе успееме во тоа. По резидбата, која беше доста строга и прецизна, остана голема количина дрвна маса. За жал, во Македонија сè уште нема интерес или развиен систем за откуп на таков биолошки отпад – ниту за пелети, ниту за друга намена. Немавме срце да ги запалиме гранките, па затоа моравме да инвестираме во мулчар. Тоа стана наша реалност и тековна обврска, во која активно се вклучи и Fresh Line“ – изјави Варналиева.

Таа особено се осврна на поддршката во делот на откупот, нешто што е од голема важност за секој земјоделец.
„Особено сме благодарни за поддршката во делот на откупот – нешто што е од клучно значење за секој земјоделец. Fresh Line ни дадоа гаранција за откуп, ни ја кажаа откупната цена навреме, што за нас е од огромно значење, бидејќи дава сигурност и мотивација да работиме со полна посветеност. Со нивната организација, добиваме гајби, овошјето се носи директно во нивните магацини, се поминува низ комора, се пакува според барањата на пазарот и, најважно, се појавува на полиците во супермаркетите.“
Започнувањето на договорното производство на јапонската јаболка од страна на компанијата Fresh Line претставува значаен чекор кон модернизација и професионализација на овоштарството во земјава. Вклучувањето на врвен меѓународен експерт како господин Паскал не само што ги унапреди постбербените процеси, туку и ги мотивираше домашните производители да стремат кон повисоки стандарди и поголема конкурентност. Со стекнатото искуство и поддршката од странски партнери, овоштарите се подготвени да влезат во новата производствена сезона 2025 со поголема сигурност, знаење и пласман, што ветува стабилен развој и економски бенефит за целиот сектор.
Проектот Договорно производство на јапонско јаболко во организација на компанијата Fresh line има поддршката од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.
*Во текстот се користени материјали објавени на специјализираната земјоделска платформа Агротим.мк

