Што е ново во ИМЕ

Иновативни производи на македонските ИКТ компании – Банкарски четбот на MAGIX.AI

Една од иновативните ИКТ компании поддржани од ИМЕ е MAGIX.AI. Откако лоцираа недостаток на висококвалитетни автоматизирани сервиси во банкарскиот сектор, решија да развијат четбот алатка, односно виртуелизиран експерт базиран на технологија на вештачка интелигенција. ИМЕ го кофинансираше овој процес преку инструментот „Фонд за развојни можности“.

Четботовите (chatbot) стануваат сè попопуларни во банкарскиот сектор бидејќи нудат 24/7 автоматизирана, но и индивидуализирана поддршка на корисниците кои се обраќаат за совет и поддршка до банката. Бидејќи четботовите можат да преземат голем дел од репетитивната работа, со тоа им олеснуваат на банкарските службеници кои ќе имаат повеќе време и услови да се посветат на останати работни задачи. Крајниот резултат е зголемена продуктивност и позадоволни клиенти.

Четботот на MAGIX.AI ќе врши подлабока анализа и разбирање на јазикот, а не само едноставни команди. Тој постојано ќе учи и ќе се надградува преку разговорите (четовите) со корисниците и програмерите. Бонус одлика на овој четбот е што може лесно да се адаптира на повеќе јазици, поради што е иновативен производ кој е баран на пазарот.

Како што сподели тимот на MAGIX.AI, тековната состојба предизвикана од пандемијата само уште повеќе ја потврди потребата за автоматизација во банкарскиот сектор. Тимот сега забрзано работи за да го финализира производот порано од планираното и да го понуди на неколку банки во Канада на англиски и француски јазик, но и на банки на Балканот на неколку словенски јазици. На фотографиите погоре е прикажана демо верзијата на производот кој сè уште е во развој.

Овој производ нема да ги унапреди само банкарските услуги туку ќе доведе и до раст и развој на MAGIX.AI и целиот вредносен синџир на компании и програмери со кои соработуваат. До сега, компанијата вработи двајца нови програмери кои работат на овој производ. А, со очекуваната продажба и проширување на нови пазари, MAGIX.AI е чекор поблиску до проширување на нивните услуги и производи, зголемен профит и етаблирање на нивниот бренд.

Освен четботот за банкарство, MAGIX.AI имаат развиено и платформа која собира, интегрира и анализира трансакции на Македонската берза. Достапна е бесплатно на https://magix.ai/mse.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40