Што е ново во ИМЕ

Најголемата планинарска тајна во Северна Македонија – блог на Горан Николоски

Водопадот е во близина на границата и до највисокиот врв на Северна Македонија и Албанија и постои само два месеци во годината

Во западниот дел на Северна Македонија, на неколку километри од границата со Албанија и од врвот Голем Кораб, највисокиот врв на Северна Македонија и Албанија, се наоѓа една од недопрените планинарски тајни. Висок 130 метри, Корапскиот водопад, највисокиот водопад на Балканот, како тенка завеса се спушта од 2050 метри надолу, при што силниот ветер го развејува налево или надесно и го распостелува по тревата и цвеќињата.

Корапскиот водопад е толку интересен затоа што постои само во мај и јуни, кога снегот се топи. Порано за него знаеле само овчарите и граничарите на добро чуваната граница со Албанија. Денеска водопадот привлекува стотици македонски планинари, но ретко и планинари од странство.

Кога и да дојдат во Северна Македонија, авантуристите од странство се воодушевени од драматичните пејсажи, нечепнатата природа и посебно од малиот број на посетители по планините. „Имате високи врвови покриени со трева. Супер. Тоа е одлично за ски планинарење. А, каде се скијачите и качувачите? Нема велосипедисти во Македонија? Овие места во нашата земја би биле преполни со луѓе. Ќе ве посетиме повторно“.

Кон водопадот се тргнува од неколку места. Најдобар пристап има од селото Рибница, на 110 км Скопје или од Охрид, до кое се стигнува со возила и комбиња за дваесетина луѓе, прво по 2 км долг асфалтен пат и потоа по 5 км долг земјен пат покрај дивата Рибничка река. Се тргнува и од селата Бибај, Жужње или Нивиште, но до нив потешко се пристапува со возила.

Од селото Рибница, преку сончеви падини полни со шумски јагоди и малини, а потоа низ густа листопадна букова и дабова шума, обележаната патека води прво до Попова ливада, а потоа и до ливадата Пралуга. Патеката продолжува под врвот Рибничка Скала (2300 м) и моќниот карпест Кабаш (2391 м.), низ мускулестите букови дрвја до видиковецот на 1930 м.

Стоејќи на видиковецот и гледајќи де кон врвот Голем Кораб, де кон малите точки, луѓе, во подножјето на водопадот, Весна Петреска од Прилеп, која првпат доаѓа во долината Длабока Река, низ која тече водопадот, насмеана, рече: „Како да седам на трон со најубавиот поглед на светот“.

Од Видиковецот, со фиксирани очи кон водопадот, планинарите се спуштаат до подножјето на водопадот за 45 минути. Секоја година снежните лавини од високите врвови, ја уништуваат патеката кон водопадот, но тоа не ги спречува планинарите повторно да доаѓаат кон водопадот.

Лежејќи на тревата, во подножјето на водопадот, и одмарајќи се после пет часа пешачење, Весна го стави палецот преку устата и тивко рече: „Сакам во тишина да го слушам жуборот на водопадот и да ги наполнам очите со небото“.

Поамбициозните планинари се качуваат по околните врвови повисоки од 2400 м, или кампуваат под водопадот за да можат утредента да се искачат на Голем Кораб (2764 м), на кого, според Марко Цепенков, собирачот на македонски народни приказни, се закотвил скршениот Ноев кораб.

Сликите од водопадот направени од различни агли и поставени на социјалните медиуми привлекуваат се повеќе планинари. Велат „до најубавите работи тешко се стигнува“. Тоа важи и за Корапскиот водопад, но на планинарите не им паѓа тешко заморот од повеќечасовното пешачење кон најголемата планинарска тајна во Северна Македонија.

——-

Автор на текстот и правата за користење на фотографиите се на Горан Николоски, регистриран планинарски водич во планинарските сојузи на Северна Македонија и Словенија и дел од редакцијата на првиот бесплатен онлајн магазин за сите љубители на спортски авантури – ШУМ. Контакт: goran.nikoloski@telekom.mk Мислењата и ставовите изразени во овој текст се одговорност на авторот и не ги изразуваат мислењата на Програмата ИМЕ и на донаторот.

Горан е дел од групата учесници (новинари, блогери, инфлуенсери на социјални медиуми, претставници од туристичкиот сектор) на онлајн обуката за пишување патеписи и промотивни текстови за туризам. Обуката беше организирана од Швајцарската програма ИМЕ во соработка со Алекс Цревар, новинар и уредник и е редовен дописник за The New York Times, National Geographic Travel, Lonely Planet и Adventure Cyclist magazine.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40