Што е ново во ИМЕ

Започнав да развивам туризам со едно празно пластично шише – блог на Ѓорѓе Камов

Можеби постојано читате класични наслови за топ дестинации кои треба да ги посетите. Секогаш во фокус е нешто кое тие ви го продаваат за вие да го купите. Но, има и моменти кога сакаме да ги задоволиме нашите потреби наместо да купуваме нешто кое сите го имаат.

Добар пример за тоа како е да се биде турист во местото каде што живеете е Александар Петковски. Млад стоматолог од југот на државата. Неговата инспиративна приказна која ја раскажува е поразлична од досегашните текстови за многу туристички дестинации. За неговите потреби, искуства и задоволства вели дека една обична вештачка брана може да прерасне во туристичка атракција.

Низ призмата на Александар, ние сме тие кои создаваме атракција и продаваме приказни на тие кои се заинтересирани да ги купат. Во фокусот на неговата приказна е активниот туризам што има бенефит за здравјето.

Повредата на Александар во пределот на грбот на 18 години му го променува животот за наредните неколку години. Како што минувале годините, така и последиците од повредата сè повеќе се чувствувале. Покрај терапијата која ја добивал, докторите му препорачале да започне со пливање.

Александар живее во Миравци, село кое во чело е поле, во грб подножје на Кожуф. Овој предел е доста специфичен и интересен за туристите кои сакаат авантуристички предели, а и за развој на гастро туризам бидејќи целиот регион нуди свежи смокви и калинки кои растат насекаде. Со иновативноста во земјоделието во изминатите години, достапно е и кивито, а многу од семејствата започнуваат со одгледување на портокали и лимони.

Покрај храната, која може да се каже дека е потенцијален фактор за развој на туризмот, овој предел е доста познат и по планинските води, односно природните феномени кои ги создава Стара Река и вештачките езера како Калица и Габрово. Браната Калица се наоѓа на 40 минути пешачење од селото или пак 15 минути возење по исклучувањето од автопатот Скопје- Гевгелија. Оваа брана, како што вели Александар, не паметела пливачи во својата историја. Ретко кој се одлучувал да плива во неа, а камо ли да ужива на крајбрежјето.

Како лек за неговите потреби, неговиот татко му дава до знаење дека оваа брана е совршено место за пливање со шише врзано на себе. Најпрво е во заблуда дека ова место досега никој не го користи за капење и ретко има луѓе овде, освен рибарите во текот на летните денови. Ја носи одлуката да скокне во водите на „Калица“со помош на едно празно пластично шише, кое го користи врзано за себе во случај на грчеви додека плива сам. Со текот на време, целосно ги заменува базените во Скопје со планинска вода, метежот во градот со чист воздух, започнува да го користи патот до браната за трчање со неговото куче Лео и ужива на крајбрежјето со неговата гитара и друштво.

Доста метафорична е еколошката акција која неговото друштво ја има спроведено на самата брана, каде собраните пластични шишиња ги подаруваат на секој кој е заинтересиран да вложи во рекреација и промоција на активниот туризам.

Александар плива во браната скоро три години, а интересот да му се придружат повеќе локални жители почна расте минатата летна сезона. Во текот на летото, многу млади од околните населени места и градови уживаа покрај браната, а доста интересен е моментот дека странската полиција задолжена за обезбедување на границите, своето слободно време почна да го користи за капење и рекреација.

Во изминатите неколку месеци започна да се развива кајакарството, локалните жители набавуваат кајаци за уживање во водите. Забележани се автомобили од другите градови, љубопитни туристи кои ја истражувале природата. Александар се надева дека популарноста на ова брана и целиот регион кој нуди извонредни патеки за трчање и велосипедизам ќе расте и понатаму. Тој ги кани сите кои се заинтересирани за трчање во природа, возење велосипеди по доста интересни камени патишта и патеки.

„Мојата цел е да пренесам порака дека активен туризм може да се развива насекаде. Најважно од сè е граѓаните да имаат волја и да го користат своето слободно време во инвестирање во здрав и активен начин на живеење, а да го скратат времето пред телевизор или телефон“ вели тој и додава дека природата во секој крај од Македонија дава простор за повеќе уметност и спорт, а со тоа се отвораат нови хоризонти. Активниот туризам влијае на расположението и здравјето пред сè.

Сите вие, на кои ви се допаднаа фотографиите и приказната на Александар и сте заинтересирани да го посетите ова место, сакаме да ве запознаеме со уште една битна станица на која мора да застанете. Станицата „Стара Река“ или местото именувано како „Бел Рај“. Ова е совршено место за одмор по тренингот или пливањето. Локалот којшто работи во текот на цела година се наоѓа од двете страни на реката, со одличен природен шум и спокој.

За љубопитните авантуристи кои сакаат да продолжат по патот нагоре, ви даваме до знаење дека по патот ќе ве пресретне планиското село Габрово, а доколку продолжите по патот ќе ја запознаете и истоимената втора брана, каде патиштата се разделуваат кон напуштениот излетнички дом „Висока Чука“, па излетничкото место „Коњари“ сè до планинскиот дом и ски центарот „Кожуф“ кој во моментот не функционира, а го препорачуваме на сите љубители на „адреналински сноубординг“ поради дивите патеки и доста специфичниот предел.

——

Автор на текстот и правата за користење на фотографиите се на Ѓорѓе Камов, автор на текстови за туризам и ПР директор во Kajak.mk, еко интернет туристички сервер. Мислењата и ставовите изразени во овој текст се одговорност на авторот и не ги изразуваат мислењата на Програмата ИМЕ и на донаторот.

Камов е дел од групата учесници (новинари, блогери, инфлуенсери на социјални медиуми, претставници од туристичкиот сектор) на онлајн обуката за пишување патеписи и промотивни текстови за туризам. Обуката беше организирана од Швајцарската програма ИМЕ во соработка со Алекс Цревар, новинар и уредник и е редовен дописник за The New York Times, National Geographic Travel, Lonely Planet и Adventure Cyclist magazine.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40