Новости

Македонските ИКТ компании со современи дигитални решенија применливи за земјоделскиот сектор

Што навистина значи дигиталното земјоделство? Која е неговата апликативност кај бизнисите во земјава? Во која мера се употребуваат дигитални алатки и опрема за подобрување на земјоделското производство? Дали младите кадри се подготвени за дигиталната револуција во овој сектор?

Ова беа дел од главните теми опфатени за време на Панел-дискусијата за дигитално земјоделство и паметна специјализација, која се одржа на 14-ти октомври, а беше организирана во рамките на 4-от Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна – ISAF 2022, со поддршка на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

Дигитализацијата е процес неопходен за осовременување и зголемена продуктивност и конкурентност на агробизнисите. Непоходна е интензивна соработка помеѓу информатичарите и земјоделските инженери, со цел создавање на дигитални решенија кои се применливи во агробизнисот. Во оваа насока, во рамки на панел-дискусијата беше организиран и изложбен дел на неколку дигитални алатки и услуги применливи за агробизнисите. Имавме прилика да поразговараме со претставници на Fixigo и Geo Innovus кои со нас ги споделија своите искуствени видувања за она што тие го работат во дигиталното земјоделство.

Филип и Горјан и се млади студенти што се основачи на стартапот „Fixigo“. Fixigo ги поврзува индустриите и компаниите со нивните потребни податоци и им помага да донесат подобри одлуки, со цел подобрување на секојдневните процеси.

„Го зедовме земјоделството како индустрија кадешто може да го докажеме концептот на нашиот продукт. Во земјоделството, со помош на уреди кои се инсталираат на земјоделски површни, прибираме податоци. Преку податочна анализа која уредите ја даваат, добиваме и доставуваме информации за критични ситуации и одредени препораки до земјоделците. Исто така, земјоделците преку мобилна апликација имаат достапна аналитика, која им помага во понатамошни активности во делот на истражување и развој.“ – изјави Филип.

“Geo Innovus” пак е фирма чија дејност опфаќа дистрибуција на опрема и услуги од областа на прецизното земјоделие. Адам Анѓелески, управител на фирмата, вели дека нудат интелигентни и напредни системи за автоматско управување базирани на GPS навигација, што претставува прв чекор кон дигитализација на земјоделието. Системите можат да се инсталираат на сите работни машини без разлика од типот и брендот, а високо прецизното водење и управување на машините обезбедува извонредна точност при работа на терен, дозволувајќи работа во секое време и во сите услови.

Примарната цел на имплементација на оваа иновативна технологија е да  обезбеди профитабилност, ефикасност и одржливост на фармата, воедно намалувајќи ги трошоците и зголемувајќи го приносот. “ – посочи Адам.

Кога станува збор за поголемата примена на дигиталните решенија во земјоделството, претставниците од двете компании се согласни дека е потребна поголема едукација кај самите земјоделци за дигиталните решенија што им стојат на располагање. Споделија свои видувања за состојбата и идниот развој на дигиталното земјоделство во земјата.

„Една од главните причини зошто решенијата за прецизно земјоделство не се применуваат во посакуваниот степен се едукативниот и финансискиот аспект. Ние, како и сите други засегнати страни кои работат на зголемување на свесноста за дигиталните решенија во земјоделството, треба редовно да едуцираме за придобивките од нивната примена. Што се однесува до финансискиот аспект, потребно е меѓународните и владини институции да креираат финансиски инструменти и мерки, кои би можеле да ги субвенционираат ваквите решенија, со цел да најдат полесна примена во секторот.“ – истакна Филип од Fixigo.

Адам вели дека веќе една година успешно функцинираат на македонскиот пазар. „Имајќи во предвид дека дигитализацијата на земјоделието кај нас е сѐ уште на ниско ниво, во моментов сме во фаза на едукација, преку информативни презентации, со цел да ја зголемиме свесноста на земјоделците за придобивките на истото. На нашите земјоделци им е неопходна поддршка, едукација и обуки од областа, кои ќе им овозможат доволно информации за да можат побрзо да стигнат до чекорот на дигитализација, како и мерки за финансиска помош од институциите кои би придонеле за имплементација на решенијата. Би сакал да ги повикам земјоделците да се охрабрат и пристапат кон примена на оваа модерна  технологија, која многу ќе им помогне во секојдневното работење, а истовремено е погодна и лесна за управување.“ – вели Адам од Geo Innovus.

Присутните учесници на настанот се согласија дека е потребна поинтензивна соработка помеѓу ИКТ и агро бизнисите, јавниот, како и академскиот сектор во овие две области. Во оваа насока, активностите кои ќе се реализираат во следниот период треба да бидат насочени кон креирање на нови студиски програми за дигитално земјоделство со цел оформување на кадри со вештини да препознаат и идентификуваат дигитални решенија применливи во секој агробизнис преку мултидисциплинарен пристап.

ime-logo-small
sdc-red-1
facebook
instagram