Иновации водени од вештачката интелигенција: Поместување на традиционалните бизнис модели

Над 300 учесници разменија знаења, мислења, експертиза и најнови трендови за вештачката интелигенција за време на деветнаесетата годишна конференција на МАСИТ на тема „Вештачката интелигенција и работната сила: Со адаптација кон иновации“, која се одржа во Скопје.

Дали вештачката интелигенција е закана, дали истата ќе ги замени луѓето, дали лидерите би вработиле некој без вештини за вештачка интелигенција, дали најспособните се оние кои се најприлагодливи на промените – беа некои од прашањата дискутирани за време на панел-дискусиите на конференцијата. Регионална перспектива и експертиза во делот на употреба на вештачката интелигенција во агробизнисот и туризмот беа во фокусот на сесијата „Иновации водени од вештачката интелигенција: Поместување на традиционалните бизнис модели“, модерирана од Горан Дамовски, тим лидер на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

Истражувачко-развојниот институт за информатички технологии на биосистемот и пионер во дигиталната трансформација на земјоделството – BioSense Србија, беше претставен од Милица Трајковиќ, која е раководител на Одделот за иновации и развој на бизнис. Во своето обраќање таа ја истакна имплементацијата на системот за идентификација на земјишни парцели LPIS во Србија.

„Со собирање на теренски податоци и користење на вештачка интелигенција со 99% прецизност за потребите на LPIS, Србија има референтна база на податоци за своите земјоделски парцели. На овој начин може да се лоцира целото подобно земјоделско земјиште содржано во референтните парцели и лесно да се пресмета максималната подобна површина“.

Трајковиќ го претстави и Treesury – стартап развиен од институтот BioSense, кој ги поврзува плантажите со лешници со инвеститори, преку регулирани дигитални токенизирани хартии од вредност. Оваа платформа ги овластува земјоделците со поедноставување на финансирањето, намалување на производствените ризици и подобрување на операциите со дигитални алатки и регенеративни земјоделски практики, со што се олеснува соодветното производство и се обезбедува пристап на пазарот.

„Во овој тип на колективно инвестирање, секој може да биде инвеститор, да ги продаде токените или да го зголеми својот удел. Овој бизнис модел навистина може да го промени земјоделството во Србија. „Вештачката интелигенција не може да ги замени луѓето; но сигурно ќе ја зголеми севкупната работа во дигиталната област. Сметам дека во иднина ќе ни требаат повеќе агрономи со способност и знаење за давање совети преку Интернет.“

Милан Баниќ, вонреден професор на Машинскиот универзитет во Ниш, го претстави AgAR – земјоделски автономен робот. Опремен со софтвер за далечинско управување, предефинирано движење низ браздите и автономна навигација со сензори за избегнување пречки, AgAR е идеално земјоделско помагало. „Роботот AgAR базиран на вештачка интелигенција е проект помеѓу ИКТ компанија и технички факултет. Ова е одличен модел кој покажува како академијата и индустријата можат ефективно да соработуваат. Сега работиме на дополнителна иновација, како што е роботската рака за берење грозје. Сепак, не верувам дека вештачката интелигенција некогаш ќе ги замени луѓето во овој поглед, како што знаете сортата „прокупец“ е комплексна за берење дури и со човечка рака.”

Баниќ нагласи дека AgAR има за цел да го зголеми земјоделското производство и да ги намали оперативните трошоци, таргетирајќи ги средните и поголемите производители. Сепак, тој го истакна предизвикот да се убедат земјоделците да прифатат нови технологии. „Тешко е да се убедат земјоделците да користат нови технологии. Таму лежи најголемиот предизвик!“

Кога станува збор за беспилотните летала и работната сила, интересно е што се потребни три лица кои само ќе ги извршат потребните операции со беспилотни летала, а за некои операции како прскање на поголеми плантажи, капацитетот на беспилотните летала е прилично ограничен. Тие имаат различни можности, на пример во мултиспектрално скенирање, иако сателитите нудат поширок поглед од беспилотните летала, додаде тој понатаму.

Понатаму, Срѓан Крчо, извршен директор на DunavNET, дискутираше за широката употреба на вештачката интелигенција во различни индустрии. „75% од луѓето веќе користат вештачка интелигенција на работа, а 46% од нив почнаа да ја користат пред помалку од шест месеци“. Неговата компанија работи на решенија за IoT (Интернет на нешта) во земјоделството, туризмот и други сектори. Еден значаен проект е The Pearl Island во Доха – Катар, каде што со помош на вештачката интелигенција, центарот за поддршка на корисници се трансформираше во чет-бот преку интегрирање на разговорите на WhatsApp со нивната апликација, како и Microsoft Azure и LLM, на тој начин генерирајќи одговори на англиски и арапски.

Тој исто така ја истакна работата на генеративен консултант за агрономија, креиран со вештачка интелигенција, кој го трансформира земјоделството во оддалечените области. Овој четбот има лице и глас, се сеќава на претходните комуникации и помага да се изгради доверба со земјоделците. „Тоа е најтешката работа со земјоделците – градењето на доверба. А доколку зборуваш со некој без лице и мораш комуникацијата да ја почнеш од нула – тогаш нема воспоставување на никаква врска. Со ова решение целиме кон создавање и градење токму на таа доверба“.

Експертската сесија заврши со дискусија за иднината на вештачката интелигенција во туризмот и земјоделството. Крчо ја спомена потенцијалната употреба на роботиката во туризмот, како што се роботите со две раце во кујните за готвење стандардизирани јадења. Тој ја потенцираше високата цена на овие решенија, но укажа и на достапноста на бесплатни платформи и имплементација на такви тип технологии.

Накратко, годишната конференција на МАСИТ го прикажа трансформативниот потенцијал на вештачката интелигенција во различни сектори, нагласувајќи ја потребата од адаптација и иновации, со цел да се искористат нејзините придобивки, истовремено одговорајќи на предизвиците со работната сила.