Крушево ја раскажува својата приказна на македонските тур оператори

Презентација на туристичката понуда на македонските тур оператори за дојдовен туризам

Денеска во Крушево, девет македонски тур-оператори – KTM Voyage, Enjoy Balkan, Mountain Experience, Fibula Tours, Balkan Prime, Karaci Tours, Visit Macedonia, Holidays и Wine Escape, учествуваат на информативна тура со цел запознавање со новите содржини и услуги кои ги нудат локалните капацитети. Турата вклучува неколку туристички атракции, а започнува со посета на хотелите Монтана и Панорама, понатаму Адреналинскиот парк, скијачките терени (Алто), параглајдинг полетувалиштето на Мечкин Камен, центарот за јавање коњи Ранч Цезар, завршувајќи со посета на хотелот Св.Никола.

Иницијативата има за цел да ја поттикне соработката меѓу локалните туристички капацитети и тур операторите, овозможувајќи им директен увид во потенцијалите на Крушево како атрактивна дестинација за дојдовен туризам. На информативната тура ќе присуствуваат  и претставници на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, во насока на поуспешна промоција и претставување на Крушево како одржлива туристичка дестинација.

Преку своите активности Швајцарската Програма ИМЕ го поддржува развојот на Крушево преку диверсификација на туристичката понуда и промовирање на одржливи практики на патот кон зелена транзиција, во соработка со сите локални чинители од приватниот сектор и Општина Крушево. Со оваа активност, Програмата го поддржува севкупниот развој на дестинацијата, создавајќи подобри услови за локален економски развој и одржливо управување со природните и културните ресурси на регионот.