Новости

Македонските одгледувачи на лешници со нови можности за извоз на швајцарскиот пазар

Повеќе од четириесет одгледувачи на лешници беа дел од две интерактивни обуки и теренски посети во Струга и Тетово, со цел стекнување вештини и знаења за производство на лешници според Bio Suisse стандардот. Знаењето да произведуваат според овој стандард, ги носи земјоделците чекор поблиску да станат идни добавувачи за швајцарскиот синџир на супермаркети Coop. Корисните совети и потребните услови за воведување на стандардот и стекнување со Bio Suisse сертификатот пред присутните ги презентираше реномираниот експерт Николас Лефебре од Швајцарскиот истражувачки институт за органско земјоделство ФИБЛ (FIBL).

„Сметам дека голем дел од одгледувачите на лешници во Северна Македонија веќе преминуваат кон органското производство, во согласност со Регулативата на Европската Унија. Разликата помеѓу сертификацијата за органско и производството според Bio Suisse е многу мала, така што одгледувачите овде не мора многу да ги менуваат своите практики за да се усогласат со Bio Suisse стандардот и да ја добијат потребната сертификација “. – вели Лефебре.

Двете обуки беа организирани од Здружението на одгледувачи на лешници „Еко Лешник“ и поддржани од Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ). Во 2020 година, ИМЕ ја започна иницијативата со единаесет земјоделци од Здружението „Еко Лешник“, предводени од компанијата „Нелкоски органик фуд“,  со цел тие да се здобијат со Bio Suisse сертификатот и да се приклучат кон мрежата на добавувачи за Coop.

„Поддршката добиена од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ беше клучна бидејќи го помогна „Еко Лешник“  во процесот на промоција и подигање на свеста за придобивките од производство според Bio Suisse стандардот. Поддршката се состоеше од градење на капацитетите за сертификација кај единаесет зеземјоделци, со цел креирање на стабилна мрежа на добавувачи за лешници, одгледани според Bio Suisse стандардот за потребите на Coop, но и за други меѓународни купувачи на премиум лешници. Потребно е да вклучиме што повеќе одгледувачи, затоа и ги организираме ваквите обуки“. – додава Бошко Нелкоски, сопственик на „Нелкоски органик фуд“.

Првата пратка со органски македонски лешници во Швајцарија ја испорача токму компанијата „Нелкоски органик фуд“ под брендот „Заум“. Нелкоски уште еднаш ја истакна важноста од зголемување на бројот на земјоделци и создавање на синџир на добавувачи кои ќе одгледуваат лешници според Bio Suisse стандардот, со што ќе се произведат поголеми количини за потребите на Coop.

„Како мал снабдувач, имаме бескрајни можности за раст. Пазарната големина на Coop и компаниите со кои соработуваме е околу четиристотини тони. Во моментов снабдуваме само пет тони, а целта ни е да достигнеме до педесет тони во следните три години. Ова би било можно само доколку повеќе одгледувачи на лешници се стекнат со знаења за производство според Bio Suisse стандардот и да го добијат овој сертификат “. наведува Бошко.

Усвојувањето на Bio Suisse стандардот ќе доведе до одржливо производство за земјоделците и заштита на животната средина, а истовремено претставува добра репутација и имиџ за земјоделскиот сектор и земјата воопшто. Николас Лефебре вели дека швајцарските трговци и купувачи штотуку го откриваат потенцијалот на Северна Македонија кој лежи во поволната клима, но и во сè уште малите земјоделски системи. „Малите земјоделски системи се погодни за органско земјоделство поради заштита на природата и животната средина. Во Северна Македонија нема широки полиња, има природни предели, а тука лежи голем потенцијал “.

Здружението на одгледувачи на лешници „Еко Лешник“ започна со изработка на мобилна апликација за дигитализирање на целиот процес и меѓусебно поврзување на земјоделците. Ваквиот дигитализиран пристап ќе го направи процесот поатрактивен за приклучување и на помладите земјоделци. Мобилната апликација има за цел да воспостави директен контакт со сите регистрирани одгледувачи на лешници, при што одблиску ќе се следи производството на лешниците врз принципот „од нива до трпеза“. На овој начин, одгледувачите ќе имаат можност да разменуваат знаења, да ги споделат проблемите со кои се соочуваат, да добиваат совети од агрономите, да ја презентираат својата понуда пред купувачите и слично. „Дигиталната алатка ќе доведе до подобрена комуникација, создавајќи цела заедница налик на „Bio Suisse Село“ (“Bio Suisse Village”), подготвено за развој на најдобриот можен производ наменет за швајцарскиот пазар“. – додава Нелкоски.

Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ ќе продолжи со поддршката за воведување на Bio Suisse стандардот и создавање на нови пазарни можности за одгледувачите на лешници, со цел да станат успешни добавувачи за швајцарскиот и другите извозни пазари.

ime-logo-small
sdc-red-1
facebook
instagram