Што е ново во ИМЕ

Отпорност во време на криза за македонскиот ИКТ сектор

Како резултат на кризата со Ковид-19, се случи големо забавување па дури и целосно згаснување на деловните активности во одредени сектори и компании. Додека некои сектори, како што се туризмот, угостителството и транспортот, беа меѓу првите на удар, други покажаа поголема отпорност на оваа надворешна сила. Некои ИКТ компании не само што продолжија со работењето како и обично, туку кризата предизвика зголемена побарувачка за нивните услуги и производи, што следствено значи и повеќе хонорарни ангажмани или вработувања со полно работно време.

InterWorks, глобална, IT консултантска компанија во Северна Македонија фокусирана на интеграција, дигитализација, менаџирање на податоци, анализа, градење на инфраструктура, и поддршка на растот и развојот на своите клиенти и партнери, потврдуваат позитивен тренд во нивното работење. „Голем дел од нашите клиенти се големи корпорации кои во овие моменти имаат зголемени побарувања за нашите услуги и поддршка. Активните огласи за вработување кои ги имаме во моментов се должат и на зголемената побарувачка од страна на клиентите, како и потребата да одговориме на барањата на нови и постоечки клиенти.” сподели Јасмина Антиќ Атанасовски, HR менаџер во Interworks

Web Factory – компанија за дигитална трансформација која нуди израбтка на веб и мобилни решенија и системи, потврди дека постои умерен пораст во побарувачката на нивните услуги. „Побарувачката не е драстично зголемена, но е зголемена. Повеќе бизниси доаѓаат со идеи за да ги дигитализираат процесите, да преминат онлајн во многу работи.” заклучува Тодор Панев, ко-основач на Web Factory.

MAGIX.ai, компанија директно поддржана од ИМЕ за развој на нов продукт, сподели дека ситуацијата со Ковид-19 ја забрзала нивната работа. Четботот за поддршка на корисници во банкарскиот сектор кој го развиваат со поддршка на ИМЕ ќе биде завршен порано од планираното. Ова е со цел да се одговори на зголемената побарувачка за автоматизација во банкарството.

Иако, сè уште е рано за генерални заклучоци за ефектот на Ковид-19 врз профитот и работните места во ИКТ секторот, може да ги земеме овие позитивни примери како знак за поголема отпорност и адаптибилност на секторот, како и негова подготвеност да одговори на зголемената побарувачка за дигитализација во сите останати сектори. Овие карактеристики придонесуваат кон потенцијалот за раст на ИКТ индустријата, поради што и истата е поддржана од програмата ИМЕ.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40