Уникатно искуство со јавање коњи и винска дегустација во срцето на Галичник

Како иновативните соработки во секторот туризам влијаат врз локалната заедница и подобрување на севкупното искуство? Со Јадранка Клариќ Кимовска од „Wine Berry“ и Васко Величковски од „Sherpa Horse Riding”, кои постојано бараат начини како да ги подобрат своите услуги, зборувавме за еден исклучителен проект, кој ги поддржува малите македонски семејни винарии и нивното поврзување со национални тур-оператори во насока на зголемен економски развој. На овој начин не само што се претставуваат македонските винарии пред светот, туку и се поттикнува свеста за заштита на животната средина и одржливиот пристап во туризмот.

Во недопрената природа на Галичник, каде што страста за јавање коњи се спојува со убавината на виното, производот на „Sherpa Horse Riding“  се дополни со ново, уникатно искуство – дегустација на вино на падините на Бистра и Стогово. Оваа неверојатна авантура, резултат на соработката која произлезе од ФАМ турата, фасилитирана од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, ги спојува семејните македонски винарии со националните тур-оператори за дојдовен туризам.

Поврзување и соработка за нови туристички содржини

Јадранка Клариќ Кимовска, сопственик на винското бистро „Wine Berry“,вели дека запознавањето со „Sherpa Horse Riding“ се случило за време на посетата на неколку македонски тур-оператори на малите семејни винарии.

„Тогаш за првпат се запознавме со „Sherpa Horse Riding“. Така се создаде идејата дека можеме да направиме дополнителни заеднички активности односно да се вклучиме во понудата која тие ја имаат за туристите кои се дојдени само за јавање. Тука се направи синергијата и сега, секоја среда, почнувајќи од месец мај, држам вински дегустации, претставувајќи ги малите македонски винарии и доближувајќи ги можностите за вински туризам пред туристите. Одѕивот е одличен. Веќе сме влезени во постојана соработка во понудените тури за јавање. Засега можам да кажам дека се создаде еден проект кој е доста успешен, интересен, исклучителен, невообичаен, уникатен…“

Винската дегустација трае час и половина, а најголем дел од понудата се македонските мали семејни винарии. Така, туристите имаат можност да ги искусат македонските вина и да им се доближи приказната за винската индустрија во земјава. Во проектот со ИМЕ, кој има за цел подобрување на туристичкиот потенцијал на малите производители на вино, со цел понуда на вински туризам, се вклучени голем дел од македонските семејни винарии, кои имаат капацитет за развој на вински туризам.

Винската дегустација се случува на третиот ден од „Miyak Tribe Trail“, кој е најадреналински и најдолгочасовен – вели Васко Величковски, сопственик на „Sherpa Horse Riding“. Станува збор за осумдневен пакет со шест дена јавање, кој е луксузен, ексклузивен, долгогодишно граден проект.

„Соработката со Јадранка настана за време на ФАМ турата низ винариите. Првин експериментиравме. Сѐ започна многу добро и досега имаме дванаесет реализирани тури. Некогаш временските услови не дозволуваат целосно и супериорно искуство, но дефинитивно имаме одлична поставеност на терен. Соработката навистина многу ме радува. Исто така, многу интересен беше и делот со Galichink Wedding Ceremony Week, каде направивме одлична промоција на македонските вина. Тука доаѓаат луѓе од Ирска, Шкотска, Англија, Германија, претежно од цела Европа, меѓутоа присуствувале и луѓе од Нов Зеланд, Австралија и други подалечни земји.“

Како долгогодишни партнери на ИМЕ, „Sherpa Horse Riding“ имаат ко-инвестирано во нова безбедносна опрема за јавање и кампување, и активно придонесоа кон промоција на активниот туризам во рамките на кампањата „Дома си е дома“ за Маврово и Галичник, како и дигиталната 360VR промоција, во соработка со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Васко со гордост раскажува дека во периодот јули – септември 2023, биле најдобро рангирани на платформата In the Saddle, според оценките од туристичките агенции и учесниците на Miyak Tribe Trial, во конкуренција на тур-оператори од Европа, Америка, Африка и Азија. Капацитетот за следната година им е веќе исполнет со над четириесет проценти. Во моментов остануваат фокусирани на имплементирање на сите безбедносни стандарди, како и на креирање дополнителни активности за дополнување на туристичкиот производ и понуда.

Неверојатно искуство за туристите и многу позитивни реакции

Васко истакнува дека реакциите на туристите се многу позитивни, бидејќи целата глетка со кампувањето во шатори на отворено остава без здив. Кога после целодневно јавање коњи, ќе дојдат во ваква атмосфера, тие се навистина воодушевени и буквално остануваат без текст.

Винското искуство е одлично бидејќи можат да пренесат на идните туристи дека постои можност да се проба одлично македонско вино. Како нова содржина дава едно проширување на сликата и туристичкото искуство.“ – се надоврзува Јадранка. И самите се уверивме дека учесниците на јавачката експeдиција се воодушевени од квалитетот на вината и можностите. Имавме прилика да слушнеме впечатоци на две учеснички за новата содржина – винската дегустација.

„Каков прекрасен начин за завршеток на еден неверојатен ден – после јавање, доаѓате овде и ги слушате објаснувањата за различните сорти на македонски вина. Малку учиме, но истовремено прекрасно е што тоа го правиме во ваков амбиент, со преубав поглед и камперски оган. Така што не слушате само предавања, туку вистински уживате во виното со сите. Каков совршен крај на денот!“ – објаснува Меган Фарли од Обединетото Кралство, која веќе дваесет години живее во Ирска.

Учесничка на турата од Лондон вели дека најмногу ѝ се допаднало гостопримиството од сите кои ги сретнала овде. „Учевме и како се прави домшано сирење што беше навистина несекојдневно искуство. Македонските вина се феноменални. Но, морам да кажам дека црвеното „Каберне Совињон“ ми е омилено. Сè беше супер!“

Еколошки пристап и заштита на животната средина

Подеднакво важно за целиот проект е и грижата за животната средина. Она што е интересно дека во пакетите на „Sherpa Horse Riding“ секогаш има и традиционален ручек приготвен на самиот ранч со еколошки продукти кои самите ги одгледуваат, како домашно месо, млеко и млечни производи. „Wine Berry“ пак, соработува со „Пакомак“, што е доказ за одржливиот и еколошки пристап во работата.

„Во моментов сме во еден амбиент на планина, каде нема никакво загадување. Се надеваме дека така и ќе остане. Самите организатори на оваа тура посветуваат големо внимание на тоа, односно отпадот што ќе се создаде самите го собираме, со цел убавата природа овде да остане чиста и незагадена.“ – вели Јадранка.

Одржлив економски развој и унапредување на вредносниот синџир

Јадранка и Васко го делат оптимизмот за економскиот развој. Ако успешно се реализираат сите активности, веруваат дека сите винарии вклучени во проектот ќе имаат зголемени потенцијали за нови вработувања. „Впрочем тоа е и целта на секоја компанија – да има повеќе вработувања, да се проширува бизнисот, да се инвестира. Винариите во висока сезона, секако хонорарно вработуваат повеќе луѓе, што отвара можност за кетеринг, поврзувајќи ги и луѓето од угоситителската индустрија. Значи целиот синџир се подобрува, доколку развојот се насочи правилно и успешно.“ – истакнува Јадранка.

Васко вели дека „Sherpa Horse Riding“ има значително влијание врз туристичките капацитети во регионот, преку проширување на капацитетите за сместување. „Пример за тоа е мотел Топила – Гари, кој ги догради своите бунгалови за сместување. Освен подобрениот квалитет на услугите, има и значителни финансиски придонеси за регионот, со стимулирање на хотелската и ресторанската индустрија. Туристите што го искусуваат „Miyak Tribe Trail“ го препознаваат како врвно луксузно искуство, кое е познато не само во земјава и регионот, туку и во цела Европа.“ – додава Васко.

Визија за позитивно влијание во туризмот

Најважното е дека веќе постои свесност за постоењето и понудата на малите семејни винарии во земјава, односно добиваат се’ поголема визибилност меѓу домашното и странското население. И двајцата соговорници потврдуваат дека преку вакви соработки се подобрува севкупната туристичка понуда и квалитетот се подигнува на повисоко ниво. Потребно е сите засегнати страни во туризмот да продолжат со интензивна работа, со што позитивното влијание само ќе се зголемува во годините што следат. Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ континуирано работи на развојот на активниот туризам во земјава, а повеќе за дестинациите во земјава и туристичките производи можете да видите во Дигиталниот каталог за активен туризам.

Автор: Ема Јакимовска, Швајцарска програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ