Што е ново во ИМЕ

Промотивно видео за Крушево и Прилеп во рамки на кампањата „Дома си е дома“

Скриен позади рабовите на Пелагониската Котлина лежи Крушево, градот на некогашната Крушевска Република. Куќите во градот се поставени амфитеатрално. Во средиштето на градот се слеваат маалските сокаци, стрмни и тесни, се виткаат, прекршуваат и качуваат, следејќи го теренот и непишаните правила на старите урбани агломерации. Од некогашната надалеку прочуена крушевска чаршија сè уште постојат некои од старите занаети: калајџиски, кујунџиски, казанџиски, чевларски, златарски и други. Крушево ги привлекува љубителите на зимските спортови со прекрасните скијачки терени и патеки за зимско трчање, кои се наоѓаат недалеку од градот. Споменичкиот комплекс Илинден, познат уште и како Македониум, е еден од најмаркантните споменици во Крушево и Македонија. Споменикот Мечкин Камен, локалитет во близина на Крушево каде во 1903 се одвиле најхрабрите борби за време на Илинденското востание, денес важи за полетувалиште со врвни услови за параглајдинг и змејарство. Околните патеки и шуми се идеални за пешачење и планински велосипедизам.

Под Крушево ќе го најдете Прилеп, познат е како „градот под Марковите Кули“ поради неговата близина до кулите на легендарниот херој Крали Марко. Кога во Прилеп бил основан Институтот за тутун за креирање на нови видови тутун, повеќето жители опстојуваат со производство на тутун, кој потоа се откупува од Тутунски комбинат. Многу од големите светски производители на цигари го користат прилепскиот тутун откако ќе се обработи во нивните локални фабрики. Прошетајте низ Варош, Точила, Шарена Чешма, Старо Корзо за да ги откриете сите шаренила на различните маала.

Ова е предел каде треба да се препуштите на приказните на локалците. И да создадете свои нови приказни за нови насмевки.

Серијалот од 10 видеа за промоција на домашниот туризам е изготвен во рамки на кампањата „Дома си е дома“. Видеата се изработени со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), во соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40