Што е ново во ИМЕ

Промотивно видео за Демир Капија, Кавадарци , Стоби во рамки на кампањата „Дома си е дома“

Во срцето на државата, по текот на реката Вардар и автопатот Е-75, се наоѓа оваа дестинација полна лозови насади и голем број винарии, кои со својата архитектура на автентичен начин ја раскажуваат македонската винска приказна.

Демир Капија е лоцирана пред влезот на живописниот кањонски дел на Демиркаписката Клисура, непосредно покрај реката Вардар, автопатот и железницата Скопје-Солун, на надморска височина од 110 до 130 метри. Традицијата на прославување на патроните на лозарството и винарството од античко време продолжува до денес, со славење на христијанскиот патрон на лозарството св. Трифун на 14 февруари. Но, во последните години Демир Капија станува привлечна дестинација и за спортско качување по карпи, велосипедизам и кајакарење.

Во центарот на Тиквешијата, најголемото виногорје на Балканот, се наоѓа и Кавадарци, чии многубројни винарии ве мамат да пробате вина од сортите на смедеревка и кратошија вранец, како и десертните и трпезните сорти грозје: кардинал, хамбург, афус али, рибиер и други. Неизоставен дел од локалната гостопримливост е и кавадаречката ракија.

Кога сте веќе го регионот, не смеете а да не го посетите Стоби, древен град кој со својот урбан дел се наоѓа на три тераси, опкружени со ѕидови, а на устието меѓу Црна Река и Вардар. Во Ι век од н.е. Стоби ја достигнува својата максимална големина од 27 хектари во рамките на градските ѕидини.

Овој сплет од активен туризам, историја, традиција, гастрономија и квалитетно вино ве кани да создадете своја приказна.

Серијалот од 10 видеа за промоција на домашниот туризам е изготвен во рамки на кампањата „Дома си е дома“. Видеата се изработени со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), во соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

ime-logo-small
sdc-red-1
palladium-1
facebook
instagram
twitter-40x40